Она што требаше да биде вистински фудбалски празник и едно од најинтересните дербија во групната фаза, се претвора во логистички и безбедносен кошмар. Натпреварот помеѓу Норвешка и Сенегал, кој според македонско време е закажан за 02:00 часот по полноќ, се наоѓа под директна закана од екстремни временски услови.
Службата за управување со вонредни состојби на градот Њујорк (NYCEM) издаде официјално предупредување за патување, откако метеоролозите најавија силни бури, грмотевици и предупредување за поплави токму во периодот кога треба да се одигра натпреварот на стадионот „МетЛајф“. Се очекуваат обилни врнежи кои можат да донесат и до 50 литри дожд на метар квадратен за само еден час, придружени со разорни ветрови со брзина до 80 километри на час.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, одржа вонредна прес-конференција на која ги предупреди граѓаните и навивачите:
„Имаме подготвено специјални тимови за отстранување на паднати дрвја и извлекување на заглавени возила. Апелираме до сите да бидат крајно внимателни, да не возат низ поплавени улици и доколку условите се екстремни, да побараат засолниште во затворен простор“.
Без чадори на стадион и тотален сообраќаен хаос
Организаторите очекуваат целосно распродаден стадион со околу 80.000 навивачи, но нивното пристигнување до „МетЛајф“ ќе биде вистинска голгота. Поради поклопувањето на натпреварот со крајот на работното време и најавеното невреме, властите прогласија „Ден на сообраќаен колапс“.
За работите да бидат уште покомплицирани, ФИФА потврди дека внесувањето на чадори на стадионот е строго забрането поради безбедносни причини. Властите ги советуваат навивачите да си понесат кабаници за да останат суви и да избегнат задржување на безбедносните пунктови. Истовремено, фан-зоните во Бруклин и Квинс исто така се под знак прашалник поради силното невреме.
Поради строгите безбедносни барања на ФИФА, вообичаениот паркинг капацитет од 23.000 места на стадионот е драстично намален, па навивачите се принудени да користат јавен превоз.
Државата профитира од маката на навивачите: Билетите поскапеа за 8 пати!
Она што предизвика најголем револт меѓу љубителите на фудбалот е скандалозното покачување на цените за јавниот превоз. Имено, специјалните автобуски линии (со цена од 20 долари) веќе се целосно распродадени.
Единствената преостаната опција за десетици илјади фанови е железничката линија (NJ Transit). Но, наместо вообичаената цена од 12,90 долари за повратен билет, државата одлучи да ја покачи цената на неверојатни 98 долари по лице, без разлика на возраста!
Already a lot of rain pooling here at MetLife, where Norway and Senegal are scheduled to play at 8 pm. But another Nature threatens. And nothing bad at all happened last time I was here and a severe weather warning preceded an athletic competition pic.twitter.com/OxhWO4xnoj
— Chris Bumbaca (@BOOMbaca) June 22, 2026
Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, ладнокрвно ја бранеше оваа одлука тврдејќи дека цената е покачена за да не паднат трошоците за организацијата врз грбот на локалните даночни обврзници, додавајќи дека возот сепак останува „најбрзата и најбезбедната опција во услови на невреме“.
Останува да се види дали фудбалот воопшто ќе може да се игра во вакви екстремни услови вечерва, откако веќе сведочевме на прекин поради громови на мечот меѓу Франција и Ирак, кој сè уште е во прекин.



