Вчера, по фантастичната победа над Катар од 3-1, најавивме дека Босна и Херцеговина има 99% шанси за историски пласман во нокаут-фазата на Светското првенство. Денес, тој 1 процент на неизвесност е избришан – Босна и официјално патува во следната рунда!
Избраниците на Сергеј Барбарез ја завршија групната фаза на третото место во Групата Б, со 4 освоени бода и гол-разлика од -1. Со оглед на новиот формат на Мундијалот (каде 8 од 12-те најдобри третопласирани репрезентации одат понатаму), на Босанците им беше потребно да бидат подобри од само четири други третопласирани екипи. По расплетот на дел од натпреварите, таа математика сега е кристално јасна.
Како Босна математички го обезбеди пласманот?
За да бидат сигурни патници во 1/16 финалето, „Змејовите“ мораа да задржат подобар биланс од најмалку четири селекции кои ќе завршат на третата позиција во своите групи. Еве зошто Босна (4 бода, -1 гол-разлика) веќе е недостижна за нив:
- Шкотска: Британската селекција вчера доживеа дебакл од Бразил (0-3) и ги заврши настапите на третото место со само 3 бода. (Босна е подобра).
- Сенегал или Ирак: Во оваа група, без разлика на конечниот расплет, екипата што ќе заврши на третата позиција може да стигне до максимум 3 бода. (Босна е подобра).
- Австрија – Алжир: Поразениот од овој директен дуел ќе остане на 3 бода. Но, дури и да одиграат нерешено, Алжир ќе заврши трет со 4 бода, но со послаба гол-разлика од -2. Босна со својата гол-разлика од -1 е во предност!
- Австралија – Парагвај: Идентично сценарио како претходното. Тимот што ќе загуби останува на 3 бода, а во случај на реми, третопласираната селекција ќе има инфериорна гол-разлика во однос на Босна.
Ова значи дека Босна и Херцеговина веќе остави зад себе четири третопласирани екипи и официјално го резервираше својот билет за нокаут-фазата, остварувајќи го најголемиот фудбалски успех во историјата на земјата!
Според досегашните проекции, речиси е сигурно дека балканската репрезентација во елиминациската рунда ќе се судри со кодомаќинот на турнирот – селекцијата на САД. Спектаклот е загарантиран!



