Суперлигата не можеше да посака подобар и понеизвесен старт на новата сезона. Пред преполни трибини во салата „Билјанини Извори“, екипите на ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер одиграа фантастичен ракометен натпревар кој по голема и исцрпувачка борба заврши без победник со резултат 28-28.
Емотивен старт и почит за Антонио Савевски
Пред почетокот на бескомпромисната спортска битка, салата занеме во чест на прерано починатиот Антонио Савевски. Навивачките групи „Рибари“ и „Чкембари“ се обединија во болката, истакнувајќи транспаренти со кои му оддадоа последна почит на 33-годишниот спортски работник, голем навивач и кошаркарски тренер кој трагично го загуби животот.

Резултатска клацкалка и тактичко надмудрување
На теренот видовме вистинска машка битка со многу дуели. Гостите од Битола нешто подобро го отворија мечот и стигнаа до предност од 6-8 во 15-тата минута, но „гладијаторите“ брзо се консолидираа и со серија голови поведоа со 11-10. До крајот на првото полувреме, Еурофарм Пелистер сепак успеа да замине со минимална позитива (13-14) благодарение на погодокот на Ник Хенигман во финишот.
Второто полувреме донесе уште поголема резултатска драма. Гостите повторно се одлепија на плус два (13-15), но охриѓани носени од одличната публика со фуриозна серија го свртеа резултатот на 18-16. Следуваше период на игра гол за гол, проследен со неколку исклучувања и голема тензија на паркетот, каде ниту еден тим не успеваше да создаде поосетна предност.
Инфаркт-завршница и херојот Атанасијевиќ
Во последните десет минути се влезе со комплетно израмнети сили. Незадржливиот унгарски интернационалец Мате погоди за водство на Охрид од 28-27 на само триесетина секунди до крајот на мечот, фрлајќи ја домашната публика во транс.
Тренерот на битолчани, Лино Червар, повика тајм-аут за да го испланира последниот напад. Одговорноста во свои раце ја презеде Петар Атанасијевиќ, кој во буквално последната секунда успеа да го пронајде патот до мрежата и да донесе голем бод за актуелниот шампион од ова тешко гостување.
Мате и Кузмановски во главна улога
Мате одигра симултанка во домашниот табор и натпреварот го заврши со дури 11 постигнати голови, додека капитенот Гоце Ојлески додаде четири. Кај гостите, Филип Кузмановски беше најефикасен со 10 погодоци, а спасителот Атанасијевиќ застана на осум гола. Голманите на двете страни, Славиќ и Митревски, запишаа по пет интервенции.
Во следното коло, екипата на ГРК Охрид ја очекува ново езерско дерби, овојпат на домашен терен против составот на Струга.



