Ако некој сè уште имаше сомнежи кој е најзабавниот и најхаризматичниот кошаркар во денешната НБА лига, Ентони Едвардс тукушто ги отстрани сите дилеми. Ѕвездата на Минесота Тимбервулвс, во соработка со Адидас, лансираше нова генијална реклама за своите патики „Cold Blooded Anthony Edwards 3“, која попрво наликува на брутално „роустање“ (исмевање) на неговите колеги отколку на класична спортска промоција.
Во двеминутното видео, популарниот „Ент-Мен“ се појавува во улога на водител на фиктивното ток-шоу наречено „Минатлантасота“ (кованица од Минесота и неговата родна Атланта), а на менито за треш-ток се најдоа некои од најголемите ѕвезди во лигата. Иако имиња не се спомнуваат (поради спонзорските договори со други брендови), на сите им е кристално јасно кој е метата.
Фризурите на Леброн и Браун како главна инспирација
Едвардс шоуто го отвора со најдобриот – Леброн Џејмс. Иако „Кралот“ летово ја одби Минесота и потпиша за Филаделфија, Едвардс има своја, урнебесна теорија за тој трансфер, алудирајќи на вечната борба на Леброн со губењето на косата.
„Видовте каде заврши Големиот шеф? Требаше да ми се придружи во Минесота, но изгледа колената не можеа да му го издржат студеното време. Но, сè е во ред. Ние многу добро знаеме зошто ја донесе таа одлука – Фили ги има едни од најдобрите бербери на светот!“, искоментира Едвардс низ насмевка.
Шегата за косата не застана тука, па веднаш се префрли на Џејлен Браун (кој лани имаше инцидент кога бојата за коса му се размачка на дресот на противникот): „Помеѓу него и момчето од Бостон, ќе гледаме многу ‘вештачки подобрувања’ во соблекувалната оваа сезона“.
Welcome to Minnatlantasota. The Cold Blooded Anthony Edwards 3 drops tomorrow.
— adidas Basketball (@adidasHoops) September 17, 2026
Believe That. pic.twitter.com/dBntrumfSa
Ламело зад воланот? Не, фала!
На тапет се најде и новиот соиграч на Едвардс во Минесота, Ламело Бол. Иако двајцата се одлични пријатели, Едвардс не пропушти шанса да го „пецне“ за неговата катастрофална историја зад воланот и неодамнешните сообраќајни инциденти.
„Тренираме заедно и правиме сè и сешто. Но, една работа сигурно нема да ја правиме – нема да се возиме заедно ако тој вози. Јас во негова кола не влегувам!“
За крај, Едвардс му честиташе на својот поранешен соиграч Карл-Ентони Таунс за освојувањето на титулата со Никс, но веднаш го „закачи“ МВП-то на финалето, Џејлен Брансон, чиј татко Рик е помошник тренер во Њујорк: „Ако си против мене на теренот, ќе настрадаш. Воопшто не ми е гајле дури и тато да ти е асистент на клупата!“
Иако ова звучи брутално, Едвардс всушност е одличен пријател со сите прозвани играчи (со Леброн играа на ОИ 2024, со Брансон на СП 2023, а со Ламело секојдневно се дружат во Минесота). Целата реклама е во духот на добрата забава, но и сериозна најава за сезоната: „Ќе се забавуваме, ќе се шегуваме… О, да, и ќе освоиме сè! Подгответе се.“



