Организаторите на Олимписките игри во Бризбејн во 2032 година очигледно пронајдоа брилијантен начин како да гарантираат соборување на светските рекорди во веслање и кану: ставете ги спортистите во вода каде што не смеат да забават!
Иако звучи како сценарио за австралиски хорор филм, одлуката е официјална. Реката Фицрој во Рокхемптон е избрана за локација на олимписките натпреварувања на вода. Има само еден „мал“ проблем – локалниот регионален совет ја категоризира оваа река како „познато живеалиште на крокодили“, а последниот примерок таму е официјално забележан пред само еден месец (на 18 август).
Технички услови: Ветрот е добар, игнорирајте ги забите под водата
И покрај очигледниот ризик чамците да добијат несакана придружба, Светската веслачка федерација (World Rowing) и нејзиниот претседател Жан-Кристоф Роланд ѝ дадоа зелено светло на патеката, потврдувајќи дека ги исполнува сите „технички барања“.
„Врз основа на опсежните анализи, знаеме дека реката Фицрој може да обезбеди фер услови за натпреварување“, изјави Роланд.
Стручниот тим за евалуација детално ги испитал брзината на водата, ветерот, брановите и речното корито. Очигледно, според нивните параметри, присуството на праисториски предатори спаѓа во рубриката „фер услови“ и важи подеднакво за сите натпреварувачи. Претседателот на организацискиот одбор „Бризбејн 2032“, Ендрју Ливерис, гордо потврди дека целиот фокус сега се сели кон изградба на инфраструктурата во Рокхемптон.
Спортистите во неверување: „Нема гаранција за безбедност“
Додека бирократите се задоволни од брзината на ветерот, спортистите се фаќаат за глава. Трократниот австралиски олимписки шампион, Дру Гин, јавно ги нападна властите, обвинувајќи ги дека си играат со безбедноста на олимпијците и воопшто не се грижат за интегритетот на спортот. Тој побара фамозниот извештај за реката итно да стане јавен.
Најкомичниот (или најтрагичниот) детаљ во целата оваа бизарна олимписка приказна е самото предупредување кое стои на официјалната веб-страница на локалниот совет на Рокхемптон: „Ниту еден природен воден пат во земјата на крокодилите никогаш не може да се гарантира дека е ослободен од крокодили“.
Едно е сигурно – мотивацијата натпреварувачите побрзо да стигнат до целта никогаш не била поголема.



