Седлоски: „Посилна репрезентација од Швајцарија не гостувала во Скопје“

 

Објавено:

По тешкиот пораз од 0-3 против Швајцарија на Националната арена „Тодор Проески“, со кој македонската фудбалска репрезентација ја продолжи својата агонија на дури 450 минути без постигнат погодок, селекторот Гоце Седлоски проговори за причините за дебаклот. Во своето обраќање по натпреварот, тој го истакна огромниот квалитет на противникот, но и жестоко го критикуваше пристапот на дел од своите избраници.

Признание за противникот и критика за „глупавите“ голови

Седлоски спортски ѝ честиташе на гостинската селекција, која и покрај отсуството на главните ѕвезди како Гранит Џака и Брил Емболо, целосно издоминира на теренот и упати над 20 удари кон нашиот гол.

„Сакам да им честитам на Швајцарците, една компактна селекција и една светска фудбалска сила. Ние треба многу да работиме. Не шутиравме на гол и тоа е нивна заслуга, бидејќи ги добија сите дуели. Поквалитетна репрезентација не гостувала во Скопје, и во поново време и во моето време“, истакна Седлоски.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Сепак, селекторот не го криеше разочарувањето од начинот на кој беше совладан Столе Димитриевски, кој со своите интервенции спречи уште поголема катастрофа: „Не смееме да примаме вакви голови. Глупав е начинот на кој паднаа головите“.

Страв, недостаток на карактер и лекција во соблекувалната

Она што најмногу загрижува по овој натпревар, покрај фактот што не создадовме ниту една сериозна шанса, е пристапот на одредени фудбалери. Седлоски откри дека имал сериозен разговор зад затворени врати.

„Барам да покажеме карактер, а од некои играчи денес не го видов тој карактер. Дали е тоа заради нивното неиграње во клубовите, не знам, но добро ќе анализирам. На некои фудбалери во соблекувалната им кажав дека недозволиво е да се игра како што тие играа на овој натпревар. Некои влегоа исплашено, а на ваквите натпревари се гледа карактерот. Со срце и душа се игра за репрезентацијата на Македонија. На тренинзите беа одлични, но некои вечерва потфрлија“, изјави кормиларот на репрезентацијата.

Гаштаров и Мељиќи како светли точки и најава за подмладување

Во сивилото кое го донесе овој пораз, селекторот сепак најде позитивни моменти кај младите сили. Сосема заслужено, најголемите пофалби ги доби 19-годишниот Матеј Гаштаров, кој беше една од ретките светли точки на теренот.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

„Презадоволен сум од настапот на Гаштаров, кој треба да биде пример како треба да игра и да се однесува еден млад фудбалер. Ми се допадна и дебитантот Мељиќи, играше со срце и ми се допадна неговиот пристап“, посочи Седлоски.

За крај, селекторот најави драстични промени и форсирање на младоста во преостанатиот дел од пеколниот распоред во Лигата на нации. „Сакам да се подмладиме и тоа ќе го форсирам и во иднина. Помладите ќе играат и на следните натпревари, бидејќи не може да се игра на секои три дена со силен интензитет. Планирам да повикам еден или двајца нови фудбалери“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено