Една година откако цел град славеше и лееше солзи радосници гледајќи го како прв минува низ целта на Скопскиот маратон, приказната за нашиот шампион Дарио Ивановски доби свој филмски приказ. Токму во пресрет на новото, 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, светлината на денот ја здогледа документарниот филм симболично насловен „Повторно роден“.
Многу повеќе од трка со штоперицата
Овој документарец не е само обична спортска ретроспектива. Тоа е интимна, емотивна прошетка низ трнливиот пат на еден од најуспешните македонски атлетичари. Камерите го следат Дарио од неговите атлетски почетоци и судбоносната одлука да стане маратонец, преку историската победа низ скопските улици, па сè до исполнувањето на најголемиот спортски сон – настапот на Олимписките игри во Париз.
Филмот совршено доловува дека за Ивановски маратонот одамна престанал да биде само трка против ривалите и времето. Тоа е начин на живот искован од брутални тренинзи, илјадници истрчани километри, огромни одрекувања, неминовни падови, но и моменти на неверојатна екстаза кои секогаш одново го враќаат на стартната линија.
За човекот зад медалите, пред камерите отворено зборуваат неговиот тренер, најблиските соработници и луѓето од организацијата на Скопскиот маратон. Нивните сведоштва откриваат досега непознати детали за карактерот, истрајноста и челичната волја на македонскиот олимпиец.
„Додека сум жив, ќе трчам!“
Можеби најмоќниот момент во документарецот е токму личната порака на Дарио, која ја отсликува целата негова шампионска филозофија:
„Верувам дека додека сум жив, јас ќе трчам. Додека сум жив, ќе уживам во секој мој изминат километар. А, тоа е да бидам маратонец. Еден ден кога ќе се пензионирам, ќе се пензионирам како победник на Скопски маратон и како олимпиец“, категорично порачува Ивановски.
Доколку ви треба силна мотивација пред претстојниот викенд за да ги врзете патиките или едноставно сакате да се инспирирате од еден вистински македонски спортски херој, документарецот „Повторно Роден – 1 Година по Победата на Дарио на Скопски Маратон“ можете да го погледнете тука. А, утре се гледаме низ улиците на Скопје!






