Скопје денеска пулсираше во ритамот на илјадници чекори. Сонцето, неверојатната енергија, насмевките и спортскиот дух го претворија 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон во вистински празник. Со историски рекорд од над 15.050 тркачи од дури 63 земји, нашиот главен град докажа дека може да биде спортска метропола која рамо до рамо стои со најголемите светски центри.
Дарио блесна, Кенијците доминираа, падна рекорд кај жените
Очекувано, кениските атлетичари доминираа на најдолгите патеки. Во машка конкуренција на маратонот, Дерик Чеге Нјороге триумфираше со време од 2:12:56, пред неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеј (2:13:20). Она што особено нè радува е фантастичното трето место на нашиот олимпиец Дарио Ивановски, кој застана на подиумот со одлично време од 2:13:48!

Кај дамите, Кенијките целосно го окупираа подиумот, а Долфин Кемунто Нјагака испиша историја поставувајќи нов рекорд во женска конкуренција на Скопскиот маратон со време од 2:32:05. Зад неа завршија Мерси Џебичии Кипкемои и Естер Чесанг Какури.
Целосна кениска доминација видовме и на полумаратонот во двете конкуренции. Кај жените славеше Валентин Џебет (1:13:15), додека во машка конкуренција најбрз беше Кенеди Кипкемои Роно со време од 1:05:26.
На најкратката дистанца, трката на 5 километри, домашните натпреварувачи ги одбранија боите на Македонија. Андреј Арсов (16:28) беше најбрз кај мажите, додека во женска конкуренција победи Хајдари Ирма со време од 19:43.
Спортска Станица и #ДетскоКатче дел од спектаклот!
Денес Скопје изгледаше светски. Улиците беа исполнети со искусни маратонци, рекреативци, семејства и туристи, а поддршката од публиката, музичките точки и волонтерите долж целата патека му дадоа на Скопје вистински светски лик.
Со голема гордост можеме да кажеме дека и тимот на Спортска Станица беше дел од овој прекрасен настан! Нашите претставници успешно ја истрчаа полумаратонската трка, додека најмладите амбасадори на нашето #ДетскоКатче храбро ја поминаа патеката од 5 километри, докажувајќи дека спортската култура се гради од најмала возраст.
Упатуваме огромни честитки до сите победници, но и до секој еден учесник кој денеска ја победи сопствената граница и стигна до целта. Секоја чест за организаторите и за сите кои придонесоа Скопје денеска да изгледа како вистински центар на светот.
Се надеваме дека следната година тимот на Спортска Станица ќе биде уште поброен. Продолжуваме да трчаме, да спортуваме и да навиваме за здрави навики!






