Дебитантската сезона на македонскиот автомобилист Стефан Тренески во Централноевропската Формула 4 е успешно заокружена, а по завршувањето на првото големо поглавје во формула-конкуренција, младиот возач реши на публиката да ѝ понуди нешто сосема ново.
Стефан го објави својот прв Јутјуб влог снимен за време на финалниот тркачки викенд на легендарната Формула 1 патека Хунгароринг во Унгарија. Станува збор за автентичен поглед зад кулисите на еден професионален тркачки викенд, кој уште еднаш ја потврдува приказната што со внимание ја следиме и поддржуваме уште од самиот почеток.
Од сим-рејсинг корените до совети од поранешен Ф1 возач
Видеото ја доловува целата динамика на подготовките, почнувајќи од тренинзите на симулатор дома пред патувањето за Будимпешта. Тренески потсетува на својот невообичаен пат во светот на мотоспортот, без ниту еден ден минат во картинг, градејќи ја брзината токму преку виртуелните трки.
Најголемо внимание привлекува неговата соработка со поранешниот Формула 1 возач и легенда на трката 24 часа Ле Ман, Дејвид Брабам, кој му е тренер во дебитантската сезона. Покрај искрената реакција на Стефан за тоа колку далеку стигнал за само две години штом на аеродромот го пречекува име од таков калибар, камерата ги следи и нивните вечерни прошетки и анализи на Хунгароринг, како и работата со инженерите и механиците длабоко во ноќта во гаражата.
Одлична брзина во конкуренција од 34 болиди и сурова тркачка драма
Напредокот во подесувањата на болидот веднаш се почувствува на асфалтот. И покрај променливите услови и честите прекини, Тренески го заврши тест-денот на импресивното четврто место меѓу 34 болиди, а одличното издание го потврди со седмата позиција во квалификациите во борба против далеку поголеми тимови.
Самите трки, пак, ја покажаа понемилосрдната страна на автомобилизмот. Во првата трка македонскиот возач го извозе својот најдобар настап во досегашната Ф4 кариера, одржувајќи високо темпо на гуми за суво по влажна патека за целта да ја мине седми, но строгата казна од десет секунди по рестартот зад безбедносното возило му ги одзеде бодовите. Во завршната трка следеше нов малер откако ривал го удри одзади на правец и му ја дупна задната десна гума, па Стефан мораше на принуден пит-стоп иако неговото темпо на патеката беше на ниво на најдобрите петмина.
И покрај недостатокот на спортска среќа во финишот, првата сезона донесе непроценливо искуство и јасна потврда дека Тренески ја има потребната брзина за ова ниво, а целиот влог од Хунгароринг можете да го погледнете на неговиот Јутјуб канал:






