Францускиот шампион ПСЖ вчера го претстави својот нов голман Лукас Шавалие, кој пристигна од францускиот Лил, во трансфер вреден 40 милиони евра, а со дополнителните бонуси би достигнал вредност од околу 55 милиони евра.
“Јас сум дете кое го остварува својот сон. Уште од кога бев мал, посакував да играм на највисоко ниво”, изјави младиот голман.

Со неговото пристигнување во ПСЖ судбината на Џанлуиџи Донарума станува сè понеизвесна, откако ова лето почнаа да стануваат сè погласни гласините дека тој ќе го напушти францускиот гигант.
Донарума, кој е и единствениот голман номиниран за наградата Златна топка оваа година, наводно имал желба неговиот следен клуб да биде Манчестер Јунајтед, но сè уште нема официјални информации дека двата клуба започнале преговори за трансферот.




