Р’ржењето на моторите и адреналинот од брзината наскоро ќе го освојат Холивуд! Во ексклузивно соопштение, “Deadline” открива дека нов филм за светот на МотоГП е во продукција, а главната улога му припадна на ѕвездата Тимоти Шаламе. Но, ова не е само уште еден филм за трки.
Филмот, насловен “High Side”, го режира реномираниот Џејмс Менголд, човек кој веќе докажа дека знае како да ја пренесе магијата на мотоспортот на големото платно со оскаровскиот хит “Le Mans ’66” (Форд против Ферари). Неговото име е гаранција дека љубителите на спортот ќе добијат автентично и возбудливо искуство.
Од херој на патеката до ограбувач на банки
Во “High Side”, Шаламе го толкува ликот на Били, некогаш перспективен МотоГП тркач чија кариера нагло завршува по тешка несреќа. Самиот наслов на филмот, “High Side”, е термин добро познат на фановите на мотоспортот, тоа е еден од најопасните и најспектакуларните типови на пад од мотор, што најавува дека филмот нема да бега од суровата реалност на овој спорт.
По трагичната смрт на неговиот татко, Били е принуден да ги искористи своите тркачки вештини на поинаков начин, им се придружува на банда крадци и со модифицирани супермотори изведува смели бегства по секој грабеж.
Дали МотоГП конечно ќе го добие својот “Rush”?
Иако “High Side” ветува возбудлива, холивудска верзија на МотоГП, фановите ќе мора да почекаат. Премиерата е закажана дури за 2027 година. Сепак, ова може да биде филмот што конечно ќе го направи за МотоГП она што “Rush” го направи за Формула 1, ќе го доближи спортот до глобалната публика на еден сосема нов начин.
Во меѓувреме, љубителите на МотоГП ќе имаат можност да го погледнат и шпанскиот филм “Ídolos”, кој нуди пореалистичен приказ на предизвиците на еден млад тркач и чија премиера е закажана за 14 ноември 2025 година.
Гостинска статија на Марија Петровска