Премиер лигата е на пауза за репрезентативните обврски, па во меѓувреме решивме да ја разгледаме историјата и потеклото на сите клубови кои играат во сезоната 2025-26 во најелитната англиска фудбалска лига.
И како што сите филмски франшизи се занимаваат со приказната за потеклото на своите протагонисти, ние решивме да се позанимаваме со почетоците на сите клубови од денешната Премиер лига.
Од цркви, до фабрики и локални крикет клубови, секој клуб започнал на уникатен начин. Па, да започнеме со моменталните лидери на табелата и први по азбучен ред – Арсенал (иако мора да признаеме дека бевме во искушение да ги ставиме втори).
Арсенал: Од фабрички терен до севернолондонска елита
Ако сите клубови во Премиер лигата имаат своја приказна за потекло, тогаш онаа на Арсенал е благо речено – контроверзна. Сè почнува во 1886 година, во срцето на индустрискиот Вулиџ, кога група работници од фабриката за оружје “Ројал Арсенал” решаваат да формираат фудбалски тим под името Дајл Сквер ФК. Работеле со челик, барут и механика, а викендите ги користеле за фудбал.
Во тоа време, Вулиџ бил далеку од Лондон, и географски и по статус. Но, во игра влегува човекот што ќе го смени сето тоа, сер Хенри Норис, политичар, бизнисмен и како што ќе покаже времето, фудбалски стратег со сомнителен морал, но одлични врски.
Норис веќе бил сопственик на Фулам, но имал поголеми амбиции. Прво сакал да ги спои двата клуба, а кога тоа не поминало, едноставно го преселил Арсенал.
Во 1913 година, клубот се сели од Вулиџ во Хајбери, северен Лондон. Потег што тогаш предизвикал вистински бунт кај локалните навивачи, но Норис знаел дека во големиот град има и поголема сцена.
Арсенал тогаш бил второлигаш, а Втората светска војна му ги забавила плановите. Но кога првенството се рестартирало во 1919 година, се случува нешто што и денес им горчи на одредени навивачи во северен Лондон.
Лигата решила да ја прошири Првата дивизија од 20 на 22 клуба, но Арсенал бил петти во Втората и според сите правила не требало да биде промовиран.
И тука влегуваат во игра – врските. Норис ги “убедил” важните луѓе, го шармирал остатокот и… се случило чудо, Арсенал бил примен во Првата лига. А, најиронично од сè? Местото што го зазеле било она на нивните нови соседи и вечни ривали, Тотенхем Хотспур, кои истата таа година испаднале.
Поминати се повеќе од сто години, но некои работи не се забораваат. Токму затоа, кога денес на “Емиратите” навивачите пеат за гордоста на Северен Лондон, некаде длабоко во Тотенхем, некој и понатаму превртува очи.
Арсенал можеби започнал како фабрички тим, но нивната најголема “експлозија” не била од барут, туку од амбиција, смелост и малку политичка вештина.