Нашиот серијал за “Историјата на сите клубови од Премиер лигата” го започнавме со Арсенал и Астон Вила, а го продолжуваме со уште еден клуб, чија историја можеби не е толку контраверзна или драматична, но сепак значајна за постоењето на уште еден вековен клуб. Ова е приказната за фудбалскиот клуб Борнмут.
Борнмут: Од локални соништа до елитата на англискиот фудбал
Сè започнало во крајот на 19-от век, во едно мало приморско место на југот на Англија каде фудбалот полека го освојувал секој агол. Градот Борнмут веќе имал свои тимови, локални фабрички екипи, како и клубот Борнмут ФК, познат под прекарот “Попис” (Poppies).
Но во 1899 година, група ентузијасти поврзани со Институтот Боском Сент Џон решиле да создадат нешто ново. Така се родил Боском ФК, младински клуб кој во првите години бил повеќе аматерски сон отколку вистинска сила.
Првите натпревари ги играле во јуниорската лигата Борнмут и Дистрикт, на терен во авенијата Кеслмејн. Во 1902 година се преселиле во Кингс Парк, блиску до денешниот стадион и брзо станале најсилниот клуб во градот. Нивниот подем продолжил со приклучување во лигата Хемпшир, каде веќе собирале голема публика и го граделе својот локален идентитет.
Со текот на времето, тимот созреал и го добил прекарот “Црешите”, а има две верзии од каде доаѓа прекарот. Првата е поради црвените дресови, а втората е дека го добиле прекарот токму поради овоштарникот со цреши кој се наоѓал покрај нивниот прв терен.
Во 1923 година, клубот конечно влегол во Фудбалската лига, менувајќи го името во Борнмут и Боском Атлетик. Новата ера донела нови амбиции, иако патот до врвот бил долг и тежок.
Повеќе од пет децении подоцна, во 1970-тите, клубот решил да направи нешто поразлично. Името се скратило во АФК Борнмут, потег што требало да им даде “континентален шмек”, а новите дресови во црвено-црни вертикални линии биле инспирирани од италијанскиот Милан.
Дизајнот на грбот се менувал низ годините, од градскиот грб на Борнемут (1891) со лавови, борови дрвја и рози, до модерниот симбол со ликот на Дики Даусет, поранешен фудбалер и директор кој ја водел клубската трансформација.
Од тогаш до денес, “Црешите” станале симбол на упорност и современ англиски фудбал. Од малиот Боском до стадионот Виталити, нивната приказна е доказ дека дури и најмалите клубови можат да сонуваат големи сништа.
А нивниот сон? Веќе одамна стана реалност – Премиер лигата ја слушна песната на “Црешите”.