Наместо доминација, Астон Мартин се соочува со суровата реалност на предсезонските тестови во Бахреин. Партнерството со Хонда, кое требаше да го вивне тимот кон врвот, започна со сериозни технички проблеми кои го принудија јапонскиот гигант денеска да излезе со официјално соопштение и да го ограничи планираното возење.
Хаос во пустината: Алонсо „заглави“ во песокот
Фернандо Алонсо вчера претрпе уште еден удар откако неговиот болид AMR26 откажа среде сесијата по кочењето на четвртиот свиок. Хонда денеска потврди дека станува збор за сериозен проблем со батеријата, што е дополнителен шок по веќе одложеното деби на болидот во Барселона.
„Нашето последно возење со Фернандо Алонсо покажа проблем поврзан со батеријата што директно влијаеше на нашиот тест-план. Поради дефицит на резервни делови за погонската единица, денешниот план е драстично лимитиран само на кратки излегувања на патеката“, стои во соопштението на Хонда.
Строл со брутална искреност: „Доцниме 4,5 секунди“
Додека шефот на тимот, Мајк Крак, дипломатски признава дека „недостасува брзина“, Ленс Строл беше многу подиректен и поразителен во својата оцена. Според неговите мерења, Астон Мартин во овој момент е дури 4,5 секунди побавен од лидерите на поредокот. За тим кој го има Адријан Њуи во својот технички оддел, ова е бројка која предизвикува паника.
Алонсо верува во магијата на Њуи
И покрај очигледните проблеми, Фернандо Алонсо не губи надеж. Шпанецот потсети дека тимот е во транзиција и дека допрва треба да се „отклучи“ потенцијалот на шасијата.
„Нема сомнеж кај шасијата, го имаме најдобриот со нас. По 30 години доминација на Адријан Њуи во овој спорт, никој не се сомнева дека на крајот ќе го имаме најдобриот болид. Мораме да почекаме и да видиме каде сме со моторот кога ќе ја ослободиме целата моќ“, изјави оптимистично двократниот шампион.

Трка со времето
Астон Мартин беше единствениот тим кој во првите два часа од денешната утринска сесија воопшто не се појави на патеката. Со само уште малку време до првата трка од сезоната, „зелените“ се наоѓаат во најтешката позиција во последните неколку години. Дали Њуи и Хонда ќе успеат да направат чудо преку ноќ, или оваа сезона ќе биде година за заборав за Алонсо?



