Американците на Јуве подобри со јазикот отколку со топката!

Објавено:

УДАР ВРЗ КУЈНАТА НА „ЧИЗМАТА“

Во Торино, каде што фудбалот е религија, а храната уметност, двајца играчи на Јувентус успеаја да го направат невозможното – да ја обединат цела Италија против себе. И тоа не со лош старт или промашен пенал, туку со напад на она што е свето – италијанската кујна.

Главни протагонисти на овој гастрономски скандал се американските репрезентативци Вестон Мекени и Тимоти Веа. Во новиот подкаст на клубот, “TALK WITH US”, двајцата седнаа на еден, да речеме, опуштен кафе муабет и решија да го споделат своето „експертско“ мислење за храната во Италија.

Мекени, со самодоверба на играч кој постигнал 30 гола во сезона (а не два, колку што има оваа сезона во Серија А), испали: „Вие немате разновидност. Сè е тестенини, пица, риба, стек“. Но, тука не застана. „Знаете што е проблемот со италијанската храна? Одлична е, но ако одам во Америка во ресторан за бургери, па одам 10 минути подолу по улицата во друг, бургерот ќе има сосема поинаков вкус. Овде, ако нарачам песто тестенини во еден ресторан, а потоа и во друг, тоа е истата работа“.

Извор: https://www.themirror.com/ {Jonathan Moscrop/Getty Images}

За да биде трагедијата комплетна, се приклучи и Веа, кој со своите импресивни пет гола сезонава, сметаше дека е компетентен да додаде дека тој повеќе ја сака „италијанско-американската храна“ отколку оригиналот.

Оваа изјава предизвика вулкан од реакции низ цела Италија. Најгласен беше поранешниот голман Емилијано Вивијано, кој без влакна на јазикот порача:
„САД се земја со најлоша храна на светот. Тие би ги испржиле и ѓоновите од чевлите! Да сум јас премиер, не би ги пуштил да се вратат во Италија! Како можеш да кажеш дека нема разновидност? Мекени, има 200 милиони Американци и сè што јадете се хамбургери. Вистината е дека целата храна во Америка е донесена од други нации. Тој успеа да ја обедини цела Италија против себе!“

И сето ова можеби ќе беше само смешен пех, ако не се работеше за играчи чиј придонес на теренот е, во најмала рака, дискутабилен. Мекени, иако понекогаш игра како капитен, често е критикуван дека нема константност, додека Веа сè уште се мачи да се избори за стандардно место во првиот тим. Со ваков скромен учинок, човек би помислил дека ќе се фокусираат на тоа како да станат вистински ас-ови на теренот, а не кулинарски критичари.

Извор: https://mlsmultiplex.com/ {Jonathan Moscrop/GettyImages}

Како шлаг на тортата (или можеби кечап на шпагетите), ова не е прв гастрономски грев на Мекени. Соиграчите во Јувентус претходно биле згрозени кога предложил „ренч“ прелив на пица или кога го открил својот специјален рецепт: „тестенини со песто, домат и пилешко“.

Можеби е време момците да се фокусираат повеќе на топката, а помалку на менито. Или барем, пред следниот подкаст, да пробаат вистинска карбонара. Без пилешко, се разбира.

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено