Анализа на Горан Талевски
Македонската ракометна репрезентација одигра натпревар со две дијаметрално спротивни лица во последниот натпревар на „Жолтиот Куп” во Швајцарија. Од комплетен „распад систем” и безидејност во првите 30 минути, до фанатична борбеност и одговор на судиските неправди во второто полувреме, нашите ракометари успеаја да извлечат реми (29:29) со гол во последните секунди од натпреварот.
ПРВО ПОЛУВРЕМЕ: Апатија во одбраната и „бавен филм” во нападот
Иако трибините во салата беа обоени во црвено-жолто благодарение на фантастичните македонски навивачи кои не штедеа грла за поддршка, почетокот на натпреварот беше студен туш за сите. Швајцарија влезе во дуелот со неверојатна агресивност, на моменти и прекумерна за еден контролен натпревар, додека македонските ракометари делуваа како да се без сила. Нашата одбрана беше премногу мека, дозволувајќи му на противникот да постигнува лесни и брзи голови, додека во нападот се соочувавме со огромни проблеми.
Играта гол за гол траеше кратко, бидејќи домаќинот веќе во 5-тата минута за првпат се одлепи на +2 (4:2). Она што најмногу загрижуваше беше бавниот и досаден напад. Македонија делуваше дезориентирано, без јасна идеја, без изработена акција и без лидер кој ќе го повлече вистинскиот потег. Сè се сведуваше на индивидуални обиди за влез, кои лесно беа сопирани од швајцарскиот бедем.

Во 7-мата минута, Марко Митев тргна во соло продор, при што беше грубо фаулиран директно по раката, но судиите, кои како да замижуваа пред агресивноста на домаќинот, не досудија ништо. Швајцарија веднаш казни преку контранапад за предност од +3. Критериумот на делење правда беше зачудувачки – Швајцарците играа како да се работи за финале на Европско првенство, а не за подготвителен меч за претстојното Европско првенство. Првото исклучување за домаќинот дојде дури во 8-мата минута по уште еден груб старт. Но, ниту со играч повеќе Македонија не најде решение за противничкиот гол, па третиот погодок го постигнавме дури во 11-тата минута од натпреварот.
На средината на првиот дел, се чинеше дека одбраната конечно се консолидира. Швајцарија не успеа да реализира пет напади по ред, но ние не знаевме да го искористиме тој подарок – возвративме со само два гола и нова серија на технички грешки. Резултатот постојано варираше помеѓу 3 и 4 разлика за противникот. Иако за момент со серија од 3:0 успеавме да дојдеме на само -1, веднаш следеше нов бран на грешки и Швајцарија експресно се врати на +4.
Селекторот Кире Лазаров во 25-тата минута повика тајм-аут за да ја прекине агонијата, но грешките продолжија и во нападот и во одбраната. Во 28-мата минута Швајцарија имаше убедливи +6, а македонскиот систем на игра беше целосно распаднат. Во самиот финиш на првото полувреме, благодарение на „пелистерската врска” Кузмановски-Пешевски, каде Филип асистираше, а Жарко од пивот реализираше, успеавме да врземе два гола. Првото полувреме заврши 18:13, откако судиите оправдано го поништија атрактивниот „цепелин” на Швајцарците поради истечено време.

ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ: Кога Македонскиот инает и карактер ќе ги победат судиите
Вториот дел започна со сосема поинаква енергија. Марко Митев со два брзи продори и погодоци покажа дека Македонија има што да каже. Нашите ракометари наметнаа силно темпо и агресивност која Швајцарците тешко ја контролираа. Сепак, домаќинот не ја менуваше својата прегруба игра, а судиите продолжија да го толерираат таквиот стил. Од таа гледна точка можеме да бидеме среќни што ниеден наш ракометар не го заврши порано мечот поради повреда.
По десет минути игра во продолжението, успеавме да стопиме само еден гол од негативата (23:19). Нападот сè уште делуваше пасивно, како никој да не сакаше да ја преземе одговорноста за шут. Но, тогаш на сцената стапи Мартин Томовски. Во 42-рата минута, нашиот голман одбрани чист зицер, давајќи му „крила” на тимот. Веднаш потоа следуваше најконтроверзниот момент на мечот – топката по шутот на швајцарското десно крило удри во пречката, па паѓаше точно на гол-линијата. Иако снимката на видео-бимот во салата кој дури и публиката го виде, јасно се виде дека нема гол, судиите го признаа погодокот и одбија да гледаат ВАР и покрај огромниот притисок од нашата клупа.
Тој момент како да беше пресвртница. Иако судиите се обидуваа да го скршат нашиот отпор, а Кузмановски беше брутално фаулиран без санкција, Македонија влезе во „транс”. Се играше гол за гол со високо темпо. Петар Анастасијевиќ украде топка и истрча контра за гол, а Кузмановски со својот втор погодок на мечот намали на само -1.

Во 50-тата минута, по директен лакт во лицето на Митев, судиите конечно покажаа 2 минути исклучување за Швајцарија. Џонов израмни на 26:26. Во 53-тата минута, Лазаров повика тајм-аут чувствувајќи дека моментот е наш. Македонија со изградена акција конечно поведе со 27:26! Швајцарците беа изгубени, промашија и седмерец и беа без гол цели 6 минути.
Завршницата беше инфарктна. Иако направивме неколку грешки во нападот и заработивме исклучувања прво на Аларов, а потоа последната минута и Никола Марковски во, Швајцарија поведе со 29:28. Но, последниот збор го имаше херојот на мечот. Марко Митев, кој ја презеде одговорноста, најде пукнатина во швајцарската зона и со еден убав шут под зоната во последните секунди ги постави конечните 29:29.
СТАТИСТИЧКИ ПРЕГЛЕД И ЗАКЛУЧОК
Иако тимската игра на моменти беше загрижувачка, индивидуалниот учинок и голманските одбрани беа пресудни.
Марко Митев беше убедливо најдобар со 7 гола. Жарко Пешевски и Мартин Серафимов додадоа по 3. Листата на стрелци ја пополнија и Филип Кузмановски, Иван Џонов, Петар Анастасијевиќ, Марко Стојковиќ, Никола и Ненад Костески со по 2 гола, додека Велковски и Никола Марковски постигнаа по 1.
На голот, Никола Митревски собра 7 одбрани (6 во првиот дел), додека Мартин Томовски беше „џокерот” со 4 клучни интервенции (еден седмерец и три зицери во најбитниот период).
ЗАКЛУЧОК
Македонија одигра натпревар со многу технички грешки и конфузен напад, но покажа карактер на челик. Кога беше најтешко, против грубиот противник и наклонетите судии, нашите ракометари покажаа дека имаат срце. Ова реми е голема морална победа пред почетокот на Европското првенство.



