Анализа: Офсајд замката на Барселона веќе не “пали” кај противниците

Објавено:

Поразот од 4-1 на “Рамон Санчез Писхуан” беше најтежок лигашки пораз на Барселона во последната деценија и нешто за кое се зборуваше цел викенд. Но, иако резултатот против Севиља изгледа шокантно, начинот на којшто тимот на Ханси Флик загуби не беше изненадување за оние што внимателно го следат неговиот фудбал.

Барселона игра со ризик – висока одбрана, постојан притисок и офсајд замка. Од почетокот на минатата сезона, каталонците имаат “фатено” дури 223 противнички играчи во офсајд замката, најмногу во големите европски лиги. Но, иако таа линија претходно им носеше трофеи и контрола, полека почнува да се претвора во нивна најслаба точка.

Кога притисокот не функционира, почнува паниката на последната линија

Флик изгради тим што живее од агресија. Кога притисокот ќе “запали”, тимот изгледа совршено синхронизиран – напаѓа, освојува топки високо и ја претвора секоја грешка на противникот во шанса. Но, кога таа прва линија ќе се пробие, сè се распаѓа. Наместо да се повлечат, дефанзивците на Барселона повторно чекорат напред, обидувајќи се да ги фатат противниците во офсајд. И тука се јавува проблемот – сè повеќе тимови научија да ја игнорираат замката.

Наместо да се плашат од линијата, напаѓачите едноставно остануваат во офсајд позиција, чекајќи додавање кон крилата. Кога топката ќе се одигра надвор, тие едноставно тргнуваат во спринт и веќе се во дозволена позиција.

Така падна и голот на Гонсало Рамос против Барселона. Додека тој стоеше во офсајд, топката отиде кон Ашраф Хакими, кој со едно додавање го исфрли целиот дефанзивен ред. Едно движење, едно додавање, и Барселона беше отворена како книга.

 

Истата приказна, различни имиња

Хари Кејн го направи истото минатата сезона. Александер Сорлот ја казни високата линија уште во март, а Борха Иглесијас ја искористи целосно, постигнувајќи хет-трик против Барселона на “Монжуик”. Сценариото секогаш е исто – долга топка по крилото, доцна реакција во одбраната и празен простор зад неа.

Не е случајност што Барселона е тимот кој примил најмногу голови од контра напади во Ла Лига од доаѓањето на Флик. Противниците научија дека не мора да ја избегнуваат офсајд замката, туку само да ја “прескокнат”.

Генијалност или самоубиствен ризик?

Да бидеме фер, системот на Флик носи резултати. Минатата сезона Барселона ги освои сите домашни трофеи и беше на чекор од финале во Лигата на шампионите. Високата линија им овозможува да доминираат со топката, да ја задушат секоја игра на противникот и да создаваат шанси од ништо.

Но, како што противниците стануваат попаметни и секој нов напад им ја “разголува” дефанзивната тактика, прашањето е само до кога ова ќе трае.
Можеби решението не е да се откажат од високата линија, туку да научат кога да ја спуштат.

Затоа што во моментов, Барселона игра на работ, а секој чекор напред може да значи чекор поблиску до нов катастрофален пораз.

Извор: https://www.nytimes.com

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено