(АНАЛИЗА) ПРЕЖИВЕАВМЕ! Костески ни ги сочува нервите и образот во ноќта кога ракометот болеше

Објавено:

Анализа на Горан Талевски

Македонија стигна до драматични два бода против Романија (24:23), благодарение на ладнокрвноста на Ненад Костески во буквално последната секунда од натпреварот. Овој натпревар беше борба со сопствените демони, со притисокот, заморот и со противникот кој одбиваше да падне. Ненад Костески во последната секунда не постигна само гол, туку донесе огромно олеснување за нацијата која живее за овој спорт.

Дефанзивна перфекција и пропуштените шанси на стартот

Отворањето на натпреварот беше лекција по одбрана. Македонија излезе со гранитна 5-1 зона, со Џонов напред, на истурената позиција. Оваа одбрана ги збуни Романците до таа мера што цели 11 минути не успеаја да го пронајдат патот до нашата мрежа. Тоа беше период на целосна доминација во дефанзивата, каде противникот изгледаше немоќно и без идеја.

Тука се појави проблемот што нè прати веќе некое време – нападот. Во тој период на апсолутна дефанзивна супериорност, нападот не успеа да капитализира. Наместо да создадеме комфорна предност од 7-8 гола и рано да го решиме победникот, на семафорот стоеја скромни 6:2. Нашиот напад делуваше очајно, реализирајќи само три пати во тие воведни минути. Романците, сфаќајќи дека немаат решение за нашата одбрана, прибегнаа кон ризичната игра „7 на 6″ уште во 12-та минута. Полувремето, сепак, заврши со нота на оптимизам – спектакуларен „цепелин” во режија на Џонов и егзекуција на Костески за 13:9, момент кој ветуваше многу повеќе.

Второ полувреме: Напаѓачка криза и индивидуални блесоци

Ако првиот дел беше демонстрација на дефанзивна сила, второто полувреме се претвори во вистинска драма. Нашата игра во напад покажа уште еднаш дека доколку Кузмановски не постигнува голови, другите играчи на моменти не знаат што да прават со топката. Бековите кружеа без конкретна закана, а нападите најчесто завршуваа со шут од неизградена позиција под притисок на пасивен напад. Загрижувачки беше падот на концентрацијата кај играчите кои вообичаено се носители на играта во домашниот шампионат, кои делуваа непрепознатливо во споредба со нивните клупски настапи.

Во тоа сивило, Филип Кузмановски се издвои како вистински капитен и лидер.

Со 9 погодоци, тој ја презеде одговорноста кога никој друг не се осмелуваше. Но, ракометот е колективен спорт. Промашените зицери на Пешевски и црвениот картон на Аларов во 46-та минута дополнително ја искомплицираа ситуацијата. Романија, чувствувајќи ја нашата несигурност, полека ја топеше предноста, додека Мартин Томовски со своите 5 интервенции нè одржуваше во живот кога бродот почна да се ниша.

Извор: https://www.facebook.com/rfmofficial

Инфаркт завршница и победа на карактерот

Финишот на натпреварот беше тест за менталната сила на екипата. Во 56-та минута Романија израмни на 22:22, а нашиот напад влезе во целосна блокада – шест минути без постигнат гол во клучниот период! Митев се обидуваше со индивидуални продори, но без успех. Се чинеше дека натпреварот ни лизга од раце.

Но, тогаш се случи моментот на одлука. При резултат 23:23, со само неколку секунди на семафорот, Македонија ја изведе својата најбрза и најважна акција. Полуконтрата по десната страна заврши кај Ненад Костески, кој ладнокрвно, буквално со звукот на сирената, ја смести топката во голот за конечни 24:23. Експлозија на емоции и победа која, иако тешко извојувана, сепак убава за барем да се израдуваме на една победа.

Заклучок: Одбраната како темел, нападот… нема напад

Оваа победа треба да се слави, но и убаво да се анализира. Одбраната покажа дека можеме да се носиме и да бидеме „бедем”, и тоа е најголемата придобивка од ова првенство. Сепак, нападот мора да претрпи сериозни корекции. Не можеме да се потпираме само на индивидуалниот квалитет на Кузмановски (9/12) и на повремените блесоци на некој друг играч. Нам ни е потребен напад којшто ќе постигнува голови од сите позиции.

Потребен е поголем придонес од останатите бекови, особено од Митев (3/5), Велковски (0/1) и Серафимов (2/5) кои мора да ја пронајдат својата препознатлива форма. Против посилни репрезентации, ваквите „празни одови” во играта ќе бидат сурово казнети. Но, важно е што синоќа што покажавме карактер. Победивме кога беше можеби најтешко, кога не одеше и кога притисокот беше огромен. Тоа е одлика на репрезентации кои имаат душа и играат со срце.

Извор: https://www.facebook.com/rfmofficial

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено