Атлетико Мадрид: „Смешно е, ама не е смешно!“

 

Објавено:

Шпанскиот фудбал сведочи на една од најбизарните и најжестоките трансфер-војни во поновата историја, откако раководството на Атлетико Мадрид реши јавно и брутално да го исмее каталонскиот гигант Барселона. Она што започна како серија сатирични објави на социјалните мрежи, во кои „Јорганџиите“ нудеа семки и билети за концерт во замена за ѕвездите на Барса, брзо се претвори во сериозен дипломатски конфликт поради задкулисните игри околу Хулијан Алварез.

Фрустрацијата во Мадрид е толку длабока, што клубот реши да ги прекине сите џентлменски протоколи и да го соголи начинот на кој Барселона со месеци врши притисок врз нивниот напаѓач.

Сарказам зад кој се крие огромен бес

Веднаш по лудото шоу на социјалните мрежи, високи извори од Атлетико Мадрид излегоа со официјален став за „Марка“, ставајќи до знаење дека зад мајтапот всушност се крие огромна лутина.

„Можеби звучи како шега или сарказам, но ова е многу сериозна работа. Ние сме лути на Барселона веќе подолго време. Она што го направивме на социјалните мрежи беше само саркастичен тон кој треба да рефлектира сè што Барселона прави со месеци и како се презентира себеси во јавноста“.

Според клубот од Мадрид, Атлетико веќе не може да ги толерира константните пораки од Фабрицио Романо, приказните инфилтрирани преку каталонските новинари и заседата што му се прави на претседателот Енрике Серезо во Барселона со провокативни прашања за ручеци и преговори со Лапорта. Капка која ја прелеа чашата беа намерните протекувања на информации за наводна понуда од 100 милиони евра, додека во Мадрид нема пристигнато ништо официјално.

Билети за Бед Бани, семки и уривање на пропагандата

Како одговор на ова, маркетинг тимот на Атлетико направи вистински хаос. Тие ги фотошопираа Ламин Јамал, Гави и Рафиња во дресови на Атлетико со потпис „Here We Go“ (познатиот слоган на Фабрицио Романо), нудејќи им на Каталонците бизарни размени: четири билети за претстојниот концерт на Бад Бани, годишна претплата за весникот „АБЦ“ и една кеса семки. На Инстаграм, пораката беше уште подиректна.

„И запомнете, ни требаа само пет минути за да ја креираме оваа лажна објава. Живееме во ера каде реалноста може лесно да се изобличи. Не верувајте на сè што ќе видите, особено ако е поврзано со Барса“.

Сепак, најнискиот удар дојде со последната објава, каде Атлетико директно удри по болните точки на Барселона – случајот „Негреира“ со судиите и финансиските малверзации за регистрација на играчи.

„Никогаш на Атлетико Мадрид не би му паднало на памет да го има потпретседателот на судиската комисија на својата плата или да користи политички услуги за да регистрира фудбалери. РЕСПЕКТ и ВРЕДНОСТИ“, порачаа од Мадрид.

Црвената линија: 500 милиони евра, исклучиво во кеш

Пораката на Атлетико околу иднината на 26-годишниот Аргентинец е кристално јасна и не остава простор за преговори. Нема креативно сметководство, нема рати и нема бонуси.

„Хулијан Алварез не е за продажба. Тој е во нашите планови за следната сезона и целосно сметаме на него. Неговиот договор трае до 2030 година, а откупната клаузула изнесува 500 милиони евра. Доколку некој го сака, таа сума мора да биде исплатена во кеш, директно во канцелариите на Ла Лига“.

Односите меѓу двата клуба не се целосно прекинати, но Атлетико повлече дебела црвена линија. Во Мадрид се сигурни дека ги држат сите карти во свои раце и нема да дозволат Барселона да им ги дестабилизира фудбалерите надвор од дозволените и регуларни канали за трансфери.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено