Атлетико со контранапад до Реал: „Престанете да ја анализирате реакцијата, погледнете ја провокацијата!“

Објавено:

Откако синоќешното мадридско дерби во Суперкупот на Шпанија донесе нов скандал на релација Диего Симеоне – Винициус Жуниор, денеска официјално се огласија и од таборот на „јорганџиите“. Атлетико Мадрид реши да не молчи на обвинувањата од „кралскиот клуб“ и преку социјалните мрежи упати директна порака до сите кои го вперија прстот кон аргентинскиот стратег.

Од Атлетико сметаат дека јавноста намерно ја игнорира причината за бесната реакција на Симеоне, фокусирајќи се само на последиците.

„Познат ни е овој модус операнди“

Преку својот официјален профил на „X“, Атлетико Мадрид објави кратка, но исклучително остра порака која веднаш ги зовре страстите во Шпанија.

„Чудно е колку време некои луѓе поминуваат анализирајќи една реакција… а колку малку посветуваат на разјаснување на провокацијата што ја предизвика истата. Модусот операнди, сепак, е веќе класика“, стои во соопштението на клубот.

Кој прв почна?

Оваа реакција на Атлетико доаѓа како одговор на информациите дека Винициус прв му дофрлил на Симеоне во врска со недосудениот пенал за Атлетико, по што Аргентинецот „експлодираше“ покрај аут-линијата, потсетувајќи го Бразилецот на свирежите од сопствените навивачи и шпекулациите дека Флорентино Перез планира да го продаде.

Додека од Реал Мадрид сметаат дека Симеоне ја преминал границата со коментарите за иднината на играчот, претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, реши да ги смири страстите нарекувајќи го целиот инцидент обична „анегдота“ карактеристична за големите дерби пресметки. Сепак, јасно е дека „злата крв“ меѓу двете страни е поголема од кога било.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено