Асоцијацијата на професионални тенисери (АТП) го претстави новото, модернизирано лого кое ќе ја означи новата визуелна ера на турнејата од сезоната 2026. Ова е шесттата промена на логото во 54-годишната историја на организацијата – редизајн кој ја задржува традицијата, но и го пренесува духот на современиот спорт во дигиталната ера.
Новиот симбол е поедноставен и динамичен, дизајниран за да функционира подеднакво добро на сите платформи, од телевизиски преноси и социјални мрежи, до турнирски брендови и фан производи. Кривината во логото го симболизира движењето на тениското топче во игра – енергијата, брзината и моментот на удар.
This is great. pic.twitter.com/Iir8ZsN0yu
— José Morgado (@josemorgado) November 5, 2025
„Тенисот постојано се менува“, изјави извршниот директор на AТП, Ено Поло. „За да одржиме чекор со глобалната публика, мора да ја раскажуваме нашата приказна со креативност и енергија. Новиот визуелен идентитет ја претставува драмата, прецизноста и движењето, поврзувајќи се со денешните фанови и инспирирајќи ја следната генерација“.
Редизајнот е дело на прочуената агенција „Chermayeff & Geismar & Haviv“, која стои зад некои од најпрепознатливите глобални брендови. Освежувањето на идентитетот е дел од поширока стратегија со цел да се создаде покохезивен и современ изглед на АТП и да се засили врската со помладата публика.

Во изминатата година, АТП започна партнерства со „TikTok“ и „Overtime“, како и глобалната маркетинг кампања „It All Adds Up“, развиена од „Wieden+Kennedy“. Сите овие иницијативи го најавуваат новиот правец на турнејата – побрз, подигитален и повизуелен од кога било досега.
Со новото лого и модерниот идентитет, ATP влегува во 2026 со јасна порака: традицијата останува, но иднината е во движење.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



