Трет натпревар по ред под водство на новиот стручен штаб. Трет натпревар без постигнат гол. Но, она што повеќе загрижува од нулата на семафорот е фактот што ова беше трет меч по ред без ниту една континуирана, сериозна и опасна акција кон противничкиот гол. По дебаклот во Данска (4-0) и „приспивната“ нула во Даблин против Ирска, синоќешното реми (0-0) против Босна и Херцеговина во Сараево само го потврди дефанзивниот грч во кој се наоѓа националниот тим.
Ако по утрото денот се познава, црно ѝ се пишува на оваа „нова“ Македонија. Болката околу креативноста е евидентна. Напаѓачите се целосно отсечени, средниот ред е без идеја за транзиција, а тимот на Гоце Седлоски повторно се потпре на среќата (две погодени стативи од домаќините) и сигурноста на Столе Димитриевски за да избегне пораз.
Навивачите како единствена светла точка и новиот фаворит за СП
Во сето ова фудбалско сивило, единствената вистинска светла точка на стадионот „Кошево“ беа навивачите, и тоа од обете страни. Фантастичната атмосфера, меѓусебната почит и спортскиот дух потсетија зошто фудбалот е повеќе од игра.
Со оглед на тоа што нашиот мундијалски сон заврши во Копенхаген, по ова гостување Македонија дефинитивно добива свој главен фаворит за претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико, а тоа е токму Босна и Херцеговина.
Во чест на домаќините и нивниот историски пласман, ве оставаме со новата неофицијална навивачка химна на босанската репрезентација, во режија на култните Dubioza Kolektiv, која веќе ечеше низ Сараево. Среќен пат во Америка, „Змаеви“!



