Легендарната тенисерка и борец за еднаквост, Били Џин Кинг, беше одликувана со ѕвезда на Холивудската патека на славните. Со ова, таа стана првата жена што добила ѕвезда во новата категорија “спортска забава”, која беше воведена во 2021 година за да ги признае придонесите на спортистите во индустријата за забава.
На настанот присуствуваа бројни славни личности, вклучувајќи ги кошаркарската икона Меџик Џонсон и актерката Џејми Ли Кертис, кои ја пофалија Кинг за нејзиниот животен придонес во спортот и општеството.

81 годишната Били Џин Кинг, која има освоено 39 гренд слем титули во нејзината кариера, е позната не само по своите спортски достигнувања, туку и по нејзината борба за родова еднаквост. Таа е основач на Женската тениска асоцијација и беше клучна фигура во историскиот меч “Битка на половите” против Боби Ригс во 1973 година, настан кој и ја даде основата да се избори и за еднакви парични награди за жените во тенисот на големите турнири, а УС Опен беше првиот Гренд Слем турнир кој го прифати тоа.
Во своето обраќање, таа ја истакна важноста на препознавањето на историјата и инспирирањето на идните генерации – “Можеби сум првата жена која добива ѕвезда во оваа категорија, но со сигурност нема да бидам последна”.
Ова признание доаѓа по нејзиното неодамнешно добивање на Конгресниот златен медал, што ја прави првата индивидуална спортистка која го добила ова престижно одликување.
Со оваа ѕвезда, Били Џин Кинг не само што ја зацврсти својата позиција како спортска икона, туку и како симбол на борбата за еднаквост и праведност во општеството.



