БРЕЈКИНГ: Салах се враќа во составот на Ливерпул по разговорите со Арне Слот!

Објавено:

Според информациите на „Sky Sports“, Мохамед Салах е вклучен во составот на Ливерпул за саботниот натпревар од Премиер лигата против Брајтон. Оваа одлука доаѓа по одржаниот состанок меѓу напаѓачот и главниот тренер Арне Слот, кој се случил во петокот наутро, со цел да се разрешат тензиите околу иднината на египетската ѕвезда.

Настаните околу Салах во изминатиот период беа драматични. Тој не беше стартер на ниту еден од последните четири натпревари, а кулминацијата беше минатиот викенд. По мечот со Лидс, Салах како неискористена замена изјави дека бил „фрлен под автобус“ од клубот, потенцирајќи дека неговиот однос со Слот веќе не постои. Ова доведе до тоа клубот да го изостави од составот за гостувањето кај Интер Милан во Лигата на шампионите во вторникот, ден кога Салах објави фотографија како тренира сам во теретаната.

Извор: https://x.com/FabrizioRomano

Слот, кој пред новинарите јасно истакна дека одлуката за вклучувањето на играчот во составот ја носи тој лично, потврди дека му претстои разговор со напаѓачот. „Јас ќе разговарам со Мо утрово. Исходот од тој разговор одредува како ќе изгледа ситуацијата утре“, рече Слот во петокот.

Иако појасни дека бил дел од клупската одлука да не биде вклучен за натпреварот во Милано, холандскиот стратег беше прецизен: „Кога станува збор за одлуките за составот или стартниот тим, тоа секогаш останува на мене“. Најважно за фановите беше неговата јасна порака во врска со иднината на напаѓачот: „Немам никаква причина да не сакам да остане. Овој клуб освои многу натпревари со него“.

Саботниот натпревар против Брајтон е последната шанса Салах да игра за Ливерпул оваа година, пред да замине со репрезентацијата на Египет на Африканскиот Куп на Нации.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено