Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски останува неизвесен за претстојното дерби на Ренџерс против Хартс, иако тренерот Дани Рол изрази надеж дека напаѓачот ќе биде подготвен за „битката на Тајнкасл“.
Миовски, кој ја пропушти победата од 1-0 против Хибернијан поради повреда заработена на мечот со Ференцварош (каде постигна спектакуларен гол), се бори со времето за да се врати во тимот за неделниот дуел.
Трка со времето
Напаѓачот не беше дел од тимот на „Ајброкс“ во понеделникот, каде неговото отсуство беше видливо и покрај победата. Јусеф Чермити го предводеше нападот, но не успеа да се запише во листата на стрелци.
„Да видиме, ден за ден, денес изгледа подобро. Можеби ќе биде достапен за сабота (недела), тоа е мојата надеж,“ изјави тренерот Рол за состојбата на Миовски.
Сепак, во петочното обраќање, Рол беше малку порезервиран:
„Бојан е прашалник, но сите други играчи се достапни. Да видиме што ќе се случи во следните 48 часа“.
Зошто е важен Миовски?
Враќањето на Миовски е од клучно значење за амбициите на Ренџерс. Пред повредата, Македонецот влезе во одлична форма, постигнувајќи три гола на последните два натпревари. Неговата реализација е токму она што му треба на тимот на Рол за да ја намали разликата од девет бода во однос на лидерот Хартс.
Доколку Миовски не успее да се опорави, се очекува Чермити повторно да добие шанса во стартниот состав.
Натпреварот Хартс – Ренџерс се игра во недела на „Тајнкасл“.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



