Скандинавското дерби во полуфиналето донесе врвен ракомет, но во клучните моменти пресуди квалитетот на Данците. По победата од 31:28, Данска ќе се бори за златото.
Данската ракометна репрезентација е на чекор до обединување на сите титули од големите натпреварувања! Избраниците на Јакобсен повторно покажаа зошто се сметаат за ракометна велесила, совладувајќи го жилавиот Исланд кој до самиот финиш одбиваше да се предаде.
Исландски „студен туш“ на почетокот
Мечот не започна според плановите на фаворитот. Исландските „рибари“ започнаа дисциплинирано и со хируршки прецизни напади за само седум минути направија предност од 6:3. Данска делуваше нервозно во нападот, сè додека Симон Питлик не ја презеде одговорноста. Неговата индивидуална серија донесе израмнување (8:8), а подоцна и минимално водство на полувремето (14:13), иако Исланѓаните во еден период беа целосно „закочени“ во нападот.
Драма во второто полувреме и „факторот Мелер“
Вториот дел понуди вистинска рововска битка. Исланд не само што се врати, туку во 33. минута повторно го презеде водството и го контролираше резултатот до 42. минута. Сепак, тогаш на сцена стапи данската серија од 3:0 која го скрши моралот на противникот.
Кога Исланд се обидуваше да се врати во егал, на голот се појави Кевин Мелер. Неговата магична интервенција при зицерот на Рикардсон беше јасниот сигнал дека Данска нема да го испушти овој натпревар. Од тој момент, предноста порасна на +4, што беше преголем залак за мотивираниот, но веќе изморен Исланд.
Кој ќе го земе златото, а кој бронзата?
Данска сега гледа кон недела и дуелот со Германија, додека Исланд ќе мора брзо да се опорави бидејќи ги чека Хрватска во борбата за бронзениот медал во реприза на историското мало финале од 2010 година.
Следете нè: Facebook | Instagram | X
Гостинска статија на Марија Петровска



