Додека РК Вардар суверено чекори кон својата рекордна 16-та титула во Македонија и се подготвува за европските битки во четвртфиналето на Лига Европа, клубот добива моќен сојузник надвор од теренот. Delfino Mobility Group, преку своите светски познати брендови GEELY и SIXT, официјално стана нов „мобилити“ партнер на „црвено-црните“.
Ова партнерство не е само обичен спонзорски договор, туку стратешки сојуз кој треба да му донесе на Вардар дополнителна логистичка стабилност на патот кон враќањето на самиот европски врв.
Михајловски: „Првпат имаме ваков партнер“
Претседателот на клубот, Михајло Михајловски, не го криеше задоволството од новиот импулс во клупската структура. За Вардар, кој сезонава е на прагот на двојната круна, поддршката од регионален лидер со 30-годишно искуство како „Delfino Mobility Group“ доаѓа во вистински момент.
„Драго ми е што потпишуваме соработка и верувам дека истата ќе ја продлабочиме во иднина. Ова е првпат да имаме ваков партнер и им благодарам што во Вардар препознаа соработник за заеднички успеси“, изјави Михајловски.

Сигурност на патот кон трофеите
Логоата на GEELY и SIXT во иднина ќе ја красат опремата на двократниот европски шампион, симболизирајќи ја заедничката визија за успех. Извршниот директор на „Delfino Mobility Group“, Илија Тоневски, нагласи дека вложувањето во спортски вредности е дел од нивниот корпоративен идентитет.
„Голема чест е да се биде дел од приказната на РК Вардар. Преку GEELY и SIXT ќе обезбедиме сигурна мобилност и поддршка, со цел тимот да остане фокусиран исклучиво на нови победи“, порача Тоневски.
Долгорочна стабилност до 2029 година
Договорот за соработка стапува на сила веднаш и е предвиден да трае до крајот на сезоната 2029. Со ова, Вардар добива долгорочен партнер кој ќе ја олесни секојдневната функционалност на клубот, овозможувајќи им на ракометарите и стручниот штаб максимална подготовка за сите домашни и меѓународни предизвици.
Со новиот „мотор“ во своите редови, Вардар е подготвен да убрза кон нови европски достигнувања!



