ДЕНЕС ИГРА МАКЕДОНИЈА! Можеме ли да ја срушиме традицијата против Португалија?

Објавено:

Македонската ракометна репрезентација денеска го продолжува својот настап на Европското првенство 2026. По воведниот пораз од светскиот првак Данска, пред избраниците на Кирил Лазаров е можеби најважниот предизвик во групната фаза – селекцијата на Португалија. Ова е натпревар кој директно ги отвора вратите кон втората фаза, а историјата на нашите дуели ни вели дека не чека неизвесна и жестока битка.

Лазаров: „Поуките се извлечени, одиме на победа“

Нашиот селектор Кирил Лазаров е свесен дека денешниот ривал е од исклучителен квалитет, но верува во карактерот на својот подмладен тим.

„Ноќите за нас тренерите се непреспиени. Постојано ги анализираме грешките, но и го подготвуваме она што следува. Против Данска се обидовме да изненадиме, но тие се подготвени да станат европски прваци и секоја грешка ја казнуваат сурово. Тој натпревар веќе го заборавивме, фокусот е 100% на Португалија. Ќе се обидеме да им го пореметиме планот“, изјави Лазаров.

Португалците со почит: „Македонија има талент кој казнува“

Иако Португалија влегува како фаворит по победата над Романија, нивните ракометари се претпазливи. Мигел Невеш за нашите медиуми истакна дека никако не смее да дојде до потценување.

„Очекуваме тежок меч. Македонија има добар напад кој знае да те казни. Младите играчи имаат голем талент и видовме убави работи на нивниот последен меч. Ние сонуваме за медал, но знаеме дека против Македонија мора да бидеме на највисоко ниво за да победиме“, вели Невеш.

Историја на меѓусебните пресметки: Традиција која ветува драма

Македонија и Португалија имаат долга историја на дуели која датира уште од 1997 година. Иако последните два пресметки во квалификациите за ова ЕП му припаднаа на противникот, низ годините сме знаеле да извојуваме големи победи, особено онаа во Скопје во 2013 година кога ги совладавме со седум разлика.

  • 28.09.1997 (Квал. ЕП): Македонија – Португалија 33:29
  • 25.10.1998 (Квал. СП): Македонија – Португалија 29:26
  • 17.01.2008 (Квал. СП): Македонија – Португалија 38:32
  • 16.06.2013 (Квал. ЕП): Македонија – Португалија 26:19 (Една од најсилните партии)
  • 09.03.2023 (Квал. ЕП): Македонија – Португалија 22:29
  • 12.03.2023 (Квал. ЕП): Португалија – Македонија 32:27

Денес, во Хернинг, Македонија излегува по „скалпот“ на Португалија. Со борбеност во одбраната и попаметни решенија во нападот, нашите момци се подготвени да ја израдуваат „Фалангата“ и да го направат клучниот чекор кон следната рунда.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено