Кога пред почетокот на сезоната 2025 во МЛС лигата сите очи беа вперени во мега-ѕвездите како Лионел Меси, Луис Суарез и Хеунг-Мин Сон, ретко кој очекуваше дека еден фудбалер со македонски корени ќе ги засени сите нив (со исклучок на МВП освојувачот). Но, Дени Мусовски (30) го направи токму тоа.
Напаѓачот на Сиетл Саундерс минатата сезона постигна 16 првенствени голови, а со вкупно 18 во сите натпреварувања стигна на само еден гол од апсолутниот клупски рекорд. Неговите фантастични настапи беа наградени со нов договор до 2028 година, но и со нешто многу позначајно за нас – повик за македонската фудбалска репрезентација!
Во опсежно и ексклузивно интервју за Flashscore, Мусовски отворено зборуваше за својот фудбалски подем во Сиетл, но и за расчистувањето на едно големо недоразбирање од минатото поврзано со црвено-жолтиот дрес.

Американец по раѓање, Македонец во срцето
Роден како Даниел Мусовски во Хендерсон, Невада, во традиционално македонско семејство, тој неодамна доби македонско државјанство, со што ги отстрани сите административни пречки за настап. Новиот селектор Гоце Седлоски не губеше време и веднаш го повика за клучниот бараж натпревар против Данска.
„Пресреќен сум што ќе ја претставувам Македонија! Кога го добив повикот, бев неверојатно возбуден. Да се претставува национален тим е огромна чест, а да играм за Македонија токму сега, пред овие огромни натпревари, е нешто посебно. Сакам да ја претставам земјата, моето семејство и себеси во најдобро можно светло,“ гордо изјавува Мусовски за Flashscore.
Вистината за недоразбирањето од 2020 година
За повозрасните љубители на македонскиот фудбал, името на Мусовски не е непознато. Пред историскиот пласман на ЕВРО 2020, тогашниот селектор Игор Ангеловски изјави дека Дени „не е целосно посветен“ да игра за Македонија. Денес, Мусовски конечно ја открива својата страна на приказната.
„Мислам дека тогаш имаше големо недоразбирање меѓу мене и Игор. Не беше точно дека не сакам да играм за Македонија. Ситуацијата беше таква што јас штотуку влегов во МЛС, игравме плеј-оф со ФК Лос Анџелес и бев првотимец. Тие ме повикаа за пријателски натпревар токму среде тој плеј-оф. Веројатно мојата неможност да дојдам ја сфатија како одбивање, но тоа апсолутно не е вистина. Шест години подоцна, повторно добив повик и сега тајмингот е совршен,“ објаснува напаѓачот.
Musovski climbs and finishes! 😮💨 pic.twitter.com/Vl3EsLbNBw
— Concacaf Champions Cup (@TheChampions) March 19, 2026
Холивудско сценарио: Да се одведе Македонија на Мундијал… во родната Америка!
За Мусовски, претстојниот бараж има дополнителна, филмска тежина. Доколку Македонија ги помине Данска (и потоа Чешка или Ирска), ќе се пласира на Светското првенство кое во 2026 година се одржува токму во неговата родна земја – САД (заедно со Канада и Мексико).
„Тоа е најголемиот сон за секој фудбалер, да игра на Светско првенство. А за мене, сонот е да ја претставувам Македонија, моето потекло и наследство, на најголемата светска сцена и тоа токму во Америка. Сигурен сум дека можеме да победиме во Данска. Ниеден професионалец не влегува во натпревар мислејќи дека ќе загуби. Данска е силна, но и ние имаме одличен тим,“ заклучува оптимистично новиот македонски репрезентативец.
Ставот на Спортска Станица: Играч каков што ни фалеше!
Ние во „Спортска Станица“ сме искрено возбудени од овој развој на настаните. Повикувањето на Мусовски е можеби најпаметниот потег во пресрет на баражот. Добиваме класичен голгетер, играч кој е во животна форма и кој доаѓа од лига каде физичката подготвеност и интензитетот се на брутално високо ниво. Неговиот мотив е двоен, да се докаже пред македонската јавност по недоразбирањето во минатото и да ја однесе татковината на родителите на Мундијал во земјата каде што е роден.
Дени, добредојде во јатото на „рисовите“! Нека „Паркен“ биде местото каде твојата македонска бајка официјално ќе започне!



