Кога играат Работнички и МЗТ Скопје, градот дише поинаку. Во недела (14.12.2025) во 18:00 часот, СРЦ „Кале“ ќе биде епицентарот на македонската кошарка. Вечното дерби, натпреварот кој не се игра, туку се живее, носи нов судир меѓу најтрофејните.
Но, овој пат, ривалството на паркетот има повисока цел. КК Работнички упати моќен повик кој „Спортска Станица“ со гордост го прифаќа и го пренесува: Ривали на терен, сојузници за Македонија!
Сите за Силјан!
Ова дерби не е само за бодови, туку за национална гордост. Двата табори, „црвено-белите“ и „сино-белите“, ги повикуваат навивачите на масовна мобилизација за поддршка на македонскиот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска.
Филмот е во трка за престижната Audience Choice Prize (Награда од публиката), која може да биде клучна отскочна даска за влез во најтесниот избор за Оскар!
„Спортот и културата се наши најдобри амбасадори. Сега е моментот Македонија повторно да се обедини и да покаже колку силно стои зад своите автори“, порачуваат од таборот на Работнички.
Како да гласате?
Гласањето трае до 16 декември (вторник) до 02:00 часот по полноќ. Вашата поддршка е бесплатна, а значи премногу за македонската култура. 👉 Гласајте веднаш на овој линк: Cinema Eye Honors Voting
Спектакл во „Кале“
На спортски план, нè очекува пекол. МЗТ доаѓа како лидер кој сака да ја продолжи низата, додека Работнички со поддршката од трибините ќе бара скалп на големиот ривал. Ова ќе биде едно од последните дербија во „Кале“, бидејќи најавите се дека следната пресметка ќе биде во реновираниот храм во Градски парк!.
Дојдете во сала, навивајте за својот тим, но гласајте за Македонија!



