Кливленд Кавалирс и ЛА Клиперс го финализираа еден од најголемите трејдови оваа сезона. Поранешниот МВП, Џејмс Харден, е нов член на Кавалирс, додека во спротивен правец, во тимот од Калифорнија, заминува младиот Ол-стар плејмејкер Дариус Гарланд. Како дел од зделката, Клиперси ќе добијат и пик од втората рунда на драфтот во 2026 година.
Кливленд оди на „сè или ништо“
Со овој потег, Кливленд формира еден од најстрашните бековски тандеми во лигата, спојувајќи го Харден со Донован Мичел. Иако Харден на лето ќе наполни 37 години, тој сезонава игра во врвна форма со просек од 25.4 поени и 8.1 асистенција.
За „Кавс“ ова е јасен сигнал дека сакаат веднаш да го нападнат врвот на Источната конференција. Покрај Харден, тимот деновиве се засили и со искуството на Денис Шредер и дефанзивецот Кион Елис, целосно редизајнирајќи го составот за плејоф трка.

Клиперс се подмладуваат со синот на легендата
Од друга страна, Клиперси добиваат 10 години помлад лидер во Дариус Гарланд. За Гарланд ова е еден вид враќање дома, бидејќи неговиот татко, Винстон Гарланд, своевремено го носеше дресот токму на Клиперс.
Иако Гарланд сезонава се мачеше со повреди на стопалото и одигра само 26 натпревари, неговиот потенцијал е неспорен. Со само 26 години, тој треба да биде новиот темел на франшизата покрај Каваи Ленард, во ера каде тимот полека се врти кон помлади сили.
Што значи ова за трката за титулата?
Кливленд добива „инстант“ квалитет и играч кој знае како сам да решава натпревари во изолација, додека Клиперси добиваат долгорочно решение на позицијата плејмејкер. Останува да видиме како Харден ќе се вклопи во системот на Кавалирс, но едно е сигурно – Истокот штотуку стана многу поопасен.



