Секогаш кога ќе помислиме дека ФИФА го допрела дното, Инфантино и компанија се тука да нè демантираат. Којзнае уште какви изненадувања нè очекуваат до летото 2026-та…
Најновата „генијална“ идеја доаѓа од Њу Џерси. За првпат во историјата на Светските првенства, навивачите ќе треба да платат билет за да влезат во официјална Фан зона! Да, добро прочитавте. Местото кое со децении беше бесплатно собиралиште за оние кои немаат билети за стадион, сега стана луксуз.
$12.50 за да гледаш на видео-бим?
Официјалниот профил на „NYNJ“ (Њујорк Њу Џерси) најави дека влезниците за „ФИФА Фан Фестивалот“ во Либерти Стејт Парк ќе чинат 12.50 долари (плус провизии, се разбира). Иако сумата можеби не звучи страшно на прв поглед, принципот е поразителен. Фан зоните отсекогаш биле срцето на мундијалската атмосфера – место каде што фудбалот е за сите. Сега, дури и тоа задоволство се комерцијализира.
„Само ФИФА може да ги направи картите за натпреварите толку скапи што единствена опција е Фан зона, а потоа да наплаќа и за тоа“, гласи еден од гневните коментари на фановите.

„Against Modern Football“
Ова доаѓа само неколку дена откако ФИФА беше принудена (делумно) да попушти пред притисокот и да воведе категорија на билети од 60 долари за „лојалните навивачи“. Но, таа квота е мизерно мала – само околу 400 билети по натпревар за секоја репрезентација. За финалето во Њу Џерси, најевтините билети за „обичните смртници“ достигнуваат и до 3.000 фунти!.
Дали фудбалот сè уште му припаѓа на народот? Или стана ексклузивна забава за елитата и инфлуенсерите? Одговорот, за жал, го знаеме сите.

Следете нè: Facebook | Instagram | X



