Добро утро, денес игра Македонија!

 

Објавено:

Денес е денот кога Македонија го игра завршниот меч од квалификациите за Светското првенство идната година. Нашите фудбалери гостуваат во Кардиф, каде ќе бркаат победа за „полесен противник“ во баражот.

Денес завршуваат сите математики, сите пресметки, сите „што ако?“. Она што е важно денес е сплотеноста, борбеноста и срцето на терен.

Можеме за многу работи во квалификациите да жалиме, особено за погодокот кој го примивме во 96-та минута против денешниот противник, но од друга страна мора да сме свесни дека во многу моменти и ние имавме среќа.

Copyright: SportStation.mk

Баражот за Светското е секако обезбеден преку Лигата на нации, вечерва се „брка поповолен“ противник. Но, работата е далеку од завршена. Како што ни покажаа овие квалификации уште еднаш, веќе нема „мала држава“, веќе нема „слаб противник“. Сите имаат шанса, а разликите се прават со колку срце на терен ќе се остави.

И не треба да гледаме подалеку од себе си за доказ. Македонија во баражот за минатото Светско првенство ја совлада големата Италија во Палермо. Не на Градски, не против „лесен“ противник. Што и да се случи, кој противник и да се падне за баражот, ние покажавме дека можеме, покажавме дека знаеме…

Ние ќе правиме анализи, ќе критикуваме каде што е потребно, ќе фалиме каде што е за фалење. Но, тоа потоа. Денес е важно да се заврши циклусот на квалификации со позитивна атмосфера. И уште еднаш, да им се заблагодариме на момците кои ни донесоа радости и гордост со сето она што досега го направија.

Ако се осврнеме на ситуацијата во македонскиот фудбал пред неколку години, активната надеж за Светско првенство изгледаше како научна фантастика. Денес сме тука. Имавме шанси и за директен пласман, но за момент да размислиме за што сме разочарани: Затоа што Македонија не остана прва во групата и не влезе со директен пласман на еден Мундијал! Нешто што претходно изгледаше незамисливо, сега беше на дофат и нијанси не делеа од првата позиција. Она што е важно е дека сега веруваме дека можеме, веруваме дека Македонија и тоа како може на Светско. И тоа е она за што треба да сме најблагодарни на овие момци – кревањето на критериумите на цела една нација!

Веќе сме победници, сега само да го потврдиме тоа!
НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено