10.8 C
Skopje

Додека “Гробарите” добро го паметат, за помладите: Кој е Виктор Треневски, главниот пик за тренер на Партизан

Објавено:

Српскиот гигант Партизан е во потрага по нов тренер откако му врачи отказ на Срѓан Благојевиќ. Според црногорските медиуми, главен и изненадувачки кандидат за “жешкото” столче во Белград е едно добро познато македонско име, Виктор Треневски.

Но, за нашите помлади читатели, кој е Виктор Треневски?

“Мајсторот” кој го обожаваа “Гробарите”

Роден во Скопје во 1972 година, Треневски важи за еден од технички најпоткованите и најинтелигентни македонски фудбалери од својата генерација. Иако како млад се преселил во Црна Гора и кариерата ја почнал во Будуќност (тогаш Титоград), својата најголема слава ја доживеа токму во Партизан.

Извор: MN Press

Треневски го носеше “црно-белиот” дрес од 1995 до 1998 година и беше миленик на навивачите. Со клубот освои две шампионски титули и еден Куп на СР Југославија.

Погледнете дел од неговата магија во дресот на Партизан:

Од Мексико и Словенија до репрезентацијата

По Партизан, Треневски имаше и интересна меѓународна кариера, настапувајќи кратко за Пуебла во Мексико, а потоа стана вистинска легенда во Словенија каде играше за Мура, Копер и Драва Птуј. За македонската репрезентација одигра 17 натпревари.

Тренерско искуство во регионот

Како тренер, тој главно работеше во регионот, водејќи ги Заврч во Словенија, како и Дечиќ и Ком во Црна Гора. На македонската јавност ѝ е познат и како поранешен тренер на Работнички.

Во моментов, Треневски е тренер на Балкан Иглс, тим од третата црногорска лига, па повикот од Партизан би бил огромен скок во неговата кариера.

Сепак, српски “Телеграф” јавува дека потпретседателот Предраг Мијатовиќ преферира шпански тренер, а прв избор е Диего Мартинез, поранешниот тренер на Гранада и Олимпијакос.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено