Другата страна на Мундијалот: Масовни протести го парализираа Мексико Сити на денот на отворањето!

 

Објавено:

Денеска официјално започнува Светското првенство во фудбал, но додека очите на комплетната спортска јавност се насочени кон свечената церемонија во Мексико Сити, зад сцената се одвива вистинска социјална драма. Десетици илјади работници, наставници и активисти го искористија глобалното медиумско внимание за да започнат масовни протести ширум мексиканската престолнина. Главните сообраќајници кои водат до култниот стадион „Естадио Ацтека“ се соочуваат со повремени блокади, а револнот на граѓаните се заканува сериозно да го наруши планираниот мундијалски карневал.

Окупација на „Сокало“ и 50% шанси за откажување на Fan Fest-от

Главниот епицентар на незадоволството е историскиот централен плоштад „Сокало“ (Zócalo), каде што илјадници членови на дисидентскиот синдикат на просветни работници (CNTE) поставија масовен шаторски камп. Наставниците бараат итно зголемување на платите за 100% и укинување на пензиските реформи од 2007 година. Нивниот камп буквално го блокираше просторот каде што беше предвидено да се одржи официјалниот „FIFA Fan Fest“.

Според информациите што директно од терен ги пренесува нашиот локален соработник и пријател од Мексико, Мигел, во моментов постојат дури 50% шанси навивачката зона на ФИФА на главниот плоштад комплетно да биде откажана или преместена. Демонстрантите веќе почнаа со бојкот на денешниот натпревар, а претходно неделава соборија и запалија неколку промотивни мундијалски статуи на фудбалери на булеварот „Пасео де ла Реформа“, испраќајќи јасна порака дека топката нема да се тркала додека владата не ги чуе нивните барања.

„Мексико, шампион на исчезнувањата“

Просветните работници не се сами во овој бунт. На нив им се приклучија уште 19 социјални движења кои ја обвинуваат владата за трошење стотици милиони долари за мундијалска шминка, наместо за решавање на горчливите социјални и безбедносни проблеми. Најпотресни се собирите на семејствата на исчезнатите лица, кои ги облепија новите еколошки мостови со фотографии од своите киднапирани роднини и испишаа графити со порака: „Мексико, шампион на исчезнувањата“. На улиците се присутни и пензионирани судии кои бараат исплата на отпремнини, земјоделци, како и транспортни работници кои бараат побезбедни услови за живот од бруталното насилство на нарко-картелите.

Претседателката Клаудија Шеинбаум го подари својот билет на натпреварот

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум се обиде да ги смири тензиите изјавувајќи дека сè е под контрола, но сепак донесе одлука лично да не присуствува на денешниот отворачки натпревар меѓу Мексико и Јужна Африка. Наместо тоа, таа претходно организираше национален видео-предизвик во кој млади девојки ги покажуваат своите фудбалски вештини.

Победи 21-годишната Јолет Сервантес Куакехуа, девојка со автохтоно (индијанско) потекло од сојузната држава Веракруз, која го доби претседателскиот билет и вечерва ќе го претставува обичниот мексикански народ во ложата на „Ацтека“. Претседателката Шеинбаум исто така потврди дека доколку „Сокало“ остане комплетно блокиран до попладневните часови, градот има подготвено 18 алтернативни локации каде што навивачите на безбеден начин ќе можат да го следат натпреварот.

Топло гостопримство и покрај гневот кон системот

И покрај огромниот гнев на граѓаните насочен кон приоритетите на државниот буџет, мексиканскиот народ покажува неверојатна емотивна зрелост. Обичните луѓе на улиците уживаат во присуството на странските туристи и репрезентациите кои веќе пристигнаа во градот. Мексиканците прават сè за да бидат перфектни домаќини на човечко ниво, јасно раздвојувајќи ги своите политички битки против системот од традиционалното латиноамериканско гостопримство и љубовта кон фудбалската игра.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено