Чуварот на македонската мрежа и еден од најстабилните голмани во шпанска Ла Лига, Столе Димитриевски, сонува да ја предводи Македонија до нејзиното прво историско учество на Светско првенство. Со 86 настапи, 32-годишниот кумановец е рекордер и еден од најголемите лидери во нашата репрезентација.
Во пресрет на клучниот бараж натпревар против Данска во Копенхаген, ексклузивното интервју кое Димитриевски го даде за реномираниот портал Flashscore (пренесено преку Филип Мишов), ни донесе емотивни спомени, јасни пораки до противникот и увид во неговата клупска ситуација во Валенсија.
✈️ @Dimitrievski1 #LaLigaHighlights#SevillaValencia
— Valencia CF (@valenciacf) March 21, 2026
pic.twitter.com/aG7ZtUpkHj
Од изгубен албум во Вардар до лик на сликичка
Разговорот започна со симпатична анегдота од неговото детство која ја покажува неговата животна патека од обичен фан до национален херој.
„Се сеќавам кога го гледав Светското првенство во 2002 година. Татко ми ми купи албум со сликички, но по некоја случајност ми падна во реката Вардар додека бевме во Скопје. Години подоцна, пред ЕВРО 2020, татко ми се сети на таа случка и почна да го собира новиот албум, бидејќи внатре бев јас. Никогаш не ни сонувал дека еден ден ќе собира сликички каде што ќе биде неговиот син,“ емотивно раскажува Димитриевски.
Порака до Данците: Не бараме чудо, одиме на победа!
Македонија по вторпат по ред е во мундијалски бараж. Болното финале против Португалија од 2022 година сè уште пече, но истовремено е и најголем мотив. Сега на патот стои Данска, а стадионот „Паркен“ е целосно распродаден.
На провокациите од данскиот напаѓач Расмус Хојлунд (кој изјави дека сè уште нема резервирано летен одмор бидејќи Македонија не е Германија или Франција), Димитриевски одговори во свој стил: „Па, ни јас немам резервирано меден месец, така што тоа важи и за двете страни!“
Македонскиот „министер за одбрана“ потенцира дека зборот „изненадување“ не треба да се користи ако Македонија победи во Копенхаген. „Ова е веројатно најважниот меч во нашите кариери. Мораме да излеземе како вистински мажи, да го спроведеме планот на селекторот и да победиме. Имаме квалитет и план. Не мислам дека е фер да се зборува за ‘изненадување’, бидејќи ние сме многу добар тим кој може да отиде таму и да победи,“ јасен е Димитриевски.

Преродбата во Валенсија и иднината на „Месталја“
По трансферот од Рајо Валјекано, Столе имаше тежок старт во Валенсија како резерва. Сепак, по повредата на Агирезабала, македонскиот голман блесна. На 13 настапи во сите натпреварувања, тој дури 5 пати ја зачува мрежата чиста, помагајќи ѝ на Валенсија да излезе од опасната зона.
Иако договорот му истекува на крајот од сезоната, тој останува фокусиран: „Она што се случи во минатото, останува во минатото. Целосно сум фокусиран да го дадам максимумот за Валенсија. Сигурно наскоро ќе има преговори со клубот и се надевам на договор кој ќе одговара на двете страни.“
За крај, запрашан за неговите идоли и најдобри колеги, Димитриевски го посочи Џанлуиџи Буфон како свој апсолутен идол, додека за најдобар голман во последната деценија го издвои Тибо Куртоа.
Сега, фокусот на Столе и на целата нација е насочен кон Копенхаген. Со ваква самодоверба и карактер на голот, данските напаѓачи дефинитивно ќе имаат тешка задача!



