По месеци подготовки, утре (четврток, 15 јануари) официјално започнува 17-то издание на Европското првенство во ракомет. Домаќините Данска и Норвешка (заедно со Шведска) ги отвораат вратите за најдобрите селекции на Стариот континент, а возбудата започнува со натпреварите во групите А и Ц.
Франција ја брани круната без клучниот мотор
Актуелниот шампион Франција ја започнува одбраната на титулата во Осло против селекцијата на Чешка. Сепак, „триколорите“ се соочуваат со голем хендикеп уште пред првиот свиреж, бидејќи МВП играчот од последното ЕП, Недим Ремили, отпадна од првенството поради повреда на листот. Дали „ранетите“ Французи ќе ја покажат својата моќ или Чешка ќе го искористи моментот за изненадување?
Шпанско „дерби“ на клупите: Раул Гонзалез против Жорди Рибера
Најинтересниот дуел во Хернинг е пресметката меѓу Шпанија и Србија. Ова е посебен меч за македонската публика, бидејќи на клупата на Србија дебитира миленикот на скопските навивачи и поранешен тренер на Вардар, Раул Гонзалез. Тој ќе се соочи со својот сонародник Рибера во битка на два врвни тактички ума. Србија сака одмазда за квалификациите, додека Шпанија брка поправен испит по разочарувачкото ЕП 2024.
Соседско ривалство: Германија и Австрија повторно очи во очи
Стана веќе традиција овие две селекции да ги вкрстуваат копјата. Австрија, предводена од легендарниот Икер Ромеро, му создаваше огромни проблеми на германскиот „панцер“ во последно време (реми на ЕП 2024 и во квалификациите 2025). Германија влегува како фаворит со две победи над Хрватска во подготвителниот период, но Австријците најавуваат борба со својот препознатлив стил „7 на 6“.

Сагосен пред историја во Осло
Норвешка, како еден од домаќините, го пречекува тимот на Украина. Ова е вечер кога сите очи ќе бидат вперени во Сандер Сагосен. На мегаѕвездата на Олборг му недостасуваат само три гола за да стигне до границата од 200 погодоци на Европските првенства, а со седум гола ќе влезе во „Топ 5“ стрелци на сите времиња.
📅 РАСПОРЕД ЗА ЧЕТВРТОК (15.01.2026)
ГРУПА А (Хернинг, Данска)
- 18:00 ч. | Шпанија – Србија
- 20:30 ч. | Германија – Австрија
ГРУПА Ц (Осло, Норвешка)
- 18:00 ч. | Франција – Чешка
- 20:30 ч. | Норвешка – Украина



