4.8 C
Skopje

Еуфорија во Битола! Пелистер го совлада големиот ПИК Сегед!

Објавено:

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во „мечот на неделата“ на ЕХФ, предводен од „делиричната“ публика во Битола, го сруши унгарскиот гигант ПИК Сегед во епска драма со 25-24.

Ова е втора, ОГРОМНА победа за „зелените“ во Лигата на Шампионите оваа сезона, со која сега имаат 4 бода и се на чекор да ги стигнат тимовите кои водат во осминафиналето. Херој на мечот беше Богдан Радивојевиќ, кој погоди пенал во самиот финиш за триумф кој долго ќе се памети.

„Холивудски“ старт: 10 минути без гол за Сегед!

Битола експлодираше од самиот старт. „Зелените“ имаа „холивудски“ почеток, можеби најдобар оваа сезона во елитата. Со челична одбрана и со Никола Митревски и Хаидаридад на голот, Пелистер комплетно ги „заклучи“ Унгарците.

Неверојатно, но ПИК Сегед беше речиси 10 минути без постигнат гол, а Пелистер направи брутална серија од 5-0.

Предноста се одржуваше и во 23. минута беше 10-5, но тогаш фаворитот се разбуди. Следуваше мал пад во нападот на Пелистер, па Сегед до полувремето се врати во игра и намали на 11-8.

Драмата: Резултатска неизвесност и херојот Пешевски

Вториот дел беше вистински тест за нервите. ПИК Сегед брзо се врати и на стартот израмни на 12-12, а потоа и за првпат поведе (13-14). Се играше гол за гол, но еден човек не дозволи Пелистер да падне: ЖАРКО ПЕШЕВСКИ.

Пивотот одигра фантастичен меч (7 гола), врзувајќи три гола во низа кога беше најпотребно и го одржуваше македонскиот шампион во егал.

Трилерот во последните 60 секунди

Драмата кулминираше во последните пет минути. Пелистер поведе со 22-20 (54. мин), но Сегед лесно израмни на 22-22. Унгарците потоа поведоа со 23-24 на 2.5 минути до крајот. Но, Пешевски одговори за 24-24 на 90 секунди пред крајот.

И тогаш, клучниот момент: ПИК Сегед го имаше последниот напад за победа. Но, една од најголемите ѕвезди на теренот, Јим Готфридсон, направи „почетничка“ грешка со пробивање и им ја подари топката на Пелистер на 30-тина секунди до крајот.

„Зелените“ тргнаа во последниот напад. Филип Кузмановски (4 гола) ја презеде одговорноста и се избори за пенал! Богдан Радивојевиќ ја зеде топката, ја презеде одговорноста и погоди за 25-24 и ерупција во салата „Боро Чурлевски“.

Кај Пелистер, Пешевски беше МВП со 7 гола, а Кузмановски додаде 4.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено