Белгискиот велосипедист Ремко Евенепул се повлече од овогодинешното издание на Тур де Франс и покрај тоа што беше рангиран на третото место на генералните класификации.
Иако многумина веруваа дека неговиот тим требаше да го убеди да продолжи во 15-та етапа од трката, сепак самиот Евенепул изјави дека се соочува со проблеми уште за време на 14-та етапа.
“Не знам зошто се чувствувам вака. Да имаш лош ден од време на време не е ништо невообичаено. Но, три лоши денови по ред едноставно не е нешто нормално за мене. Можеби нешто не е во ред со моето тело. Ќе мора да истражиме и да видиме што ќе се случи”, изјави тој.

Уште во четвртокот тој се мачеше со планинскиот дел од трката, а дополнителна демотивација му беше претекнувањето од ривалот Јонас Вингегард во петочната трка.
“Едноставно не можев воопшто да тренирам. Не можев да поднесам никаков интензитет. Моето тело едноставно не е доволно добро оваа година, но може да биде сè во прашање… не би можел да издвојам една работа”, додаде тој.
Ремко додаде и дека на почетокот на Тур де Франс бил оптимист дека ќе постигне добри резултати, но во интервјуто за “Wieleflits” во петокот изјавата на Ремко делуваше во најмала рака песимистички и за иднината: “Победив во една етапа и бев на третото место долго време. Сè до денес, работите изгледаа прилично добро, но денес едноставно ништо не функционираше. Можев лесно да завршам во групата и да продолжам, но којзнае, можеби ќе се препуштам на моето лошо чувство и нема да се тркам ниту во септември”.



