Евролига преглед: Домаќините со „пет од пет“, Жалгирис и Барса без милост за белградските гиганти

Објавено:

Петочната вечер во Евролигата помина во тотална доминација на домашните екипи. На петте одиграни натпревари од 21. коло, гостите не успеаја да извлечат ниту еден триумф, а најзвучни беа убедливите победи во Жалгирис и Барселона против екипите од Белград.

Жалгирис Каунас 99-67 Црвена Звезда

Литванскиот гигант му одржа кошаркарска лекција на тимот на Јанис Сферопулос, решавајќи ги дилемите околу победникот уште во првиот дел. Жалгирис одигра речиси перфектна одбрана, дозволувајќи и на Звезда само 28 поени во првите две четвртини. До крајот, предноста само растеше за конечни и убедливи „плус 32“.

Азуолас Тубелис беше прво име кај победникот со 17 поени, додека Силван Франциско додаде 15. Кај гостите, кои сега имаат скор 11-10, единствен расположен за игра беше Чима Монеке со 18 поени, но без никаква поддршка од соиграчите.

Олимпијакос 95-80 Баерн Минхен

Саша Везенков одигра уште една МВП партија во Пиреја, предводејќи го Олимпијакос до 14-та победа сезонава. Иако Баерн имаше одличен старт и водеше по првата четвртина, избраниците на Барцокас ја „стегнаа“ одбраната во третиот период, каде на гостите им дозволија само 14 поени.

Везенков го заврши мечот со 25 поени (10/12 од поле), а Никола Милутинов доминираше во рекетот со 14 поени и 8 скокови. Андреас Обст со 21 поен беше најефикасен кај Баварците, но тоа не беше доволно за изненадување во „Мирот и пријателството“.

Барселона 88-70 Партизан

Традицијата која трае од 2010 година не беше прекината ниту овој пат – Барселона по 13-ти пат по ред славеше над Партизан во Евролигата. Мечот беше посебен за Токо Шенгелија кој го одигра јубилејниот 300-ти натпревар во елитата, а неговиот тим со серија од 17-0 во третата четвртина го скрши отпорот на „црно-белите“.

Вили Хернангомез со 16 поени и 8 скокови беше најефикасен кај Каталонците, додека за Партизан, кој го претрпе шесттиот последователен пораз, Дуан Вашингтон постигна 20 поени.

Олимпија Милано 87-74 Анадолу Ефес

Во емотивна вечер во која Милано славеше 90 години од постоењето, „манекените“ покажаа карактер и се вратија од двоцифрена негатива. Клучниот момент беше серијата од 23-4 во второто полувреме, со која домаќинот целосно го неутрализираше нападот на Ефес.

Армани Брукс одигра меч на кариерата со 31 поен, вклучувајќи седум погодени тројки. Кај Ефес, кој постигна само 8 поени во целата трета четвртина, Сабен Ли беше најефикасен со 19 поени.

Басконија 78-73 Асвел

Тимот од Виторија успеа да ја прекине серијата лоши резултати, иако мораше добро да се испоти против жилавиот Асвел. Иако имаа контрола на почетокот, домаќините дозволија неизвесна завршница, но искуството на Луваву-Кабаро (21 поен) пресуди во последните минути. Со овој пораз, Асвел останува најслабиот гостин во лигата со 11 порази од исто толку мечеви надвор од Франција.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено