Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, го изрази своето огромно незадоволство од новите правила за сезоната 2026, откако Големата награда на Кина заврши неславно за него поради механички дефект додека се наоѓаше на шестата позиција.
Ферстапен, кој и претходно беше гласен критичар на новата регулатива, овој пат упати жестоки зборови кон самиот стил на тркање што го наметнуваат новите болиди, нарекувајќи го „ужасен“ и споредувајќи го со видео-игра.
„Ова е ужасно. Ако некому му се допаѓа ова, тогаш навистина не знае што е тркање. Воопшто не е забавно. Ова е како да играте Марио Карт. Ова не е тркање. Вклучуваш ‘буст’ и претекнуваш, потоа ти се празни батеријата, па на следната права тие повторно те поминуваат со ‘буст’. За мене, ова е вистинска шега,“ изјави фрустрираниот Холанѓанец.
На забелешката дека борбата за победа можеби е интересна за фановите, Ферстапен возврати:
„Па, победуваат само Кими Антонели или Џорџ Расел, нели? Нема вистинска размена на удари. Тие се километри пред останатите. Само Ферари понекогаш има добри стартови, ќе се протнат напред и потоа им требаат неколку кругови за да ги средат работите.“
Иако Ред Бул има сериозни проблеми со новиот болид (каде Ферстапен ја лоцира вината повеќе кај шасијата отколку кај моторот), тој тврди дека неговите критики не се поврзани со неговата моментална позиција.
„Ова нема врска со тркањето, и би го кажал истото дури и да победував. Затоа што се грижам за тркачкиот производ. Не се работи за тоа дека сум вознемирен поради местото на кое се наоѓам.“
Ферстапен смета дека новите правила се „фундаментално погрешни“ и дека промените можат да помогнат само „многу малку“. Тој додава дека поголемиот дел од возачите го делат неговото мислење, иако оние кои победуваат разбирливо нема да се жалат.
Дали овие остри коментари на актуелниот шампион ќе предизвикаат реакција од челниците на Формула 1, останува да видиме во наредниот период.



