Успехот на Шкендија во Конференциската лига не помина незабележано кај водечките луѓе на македонскиот фудбал. По големиот пласман во елиминациската фаза, пристигнаа официјални честитки од „Куќата на фудбалот“.
Признание за професионализмот
Фудбалската федерација на Македонија и претседателот Масар Омерагиќ упатија искрени честитки до тетовскиот клуб, истакнувајќи дека овој резултат е плод на макотрпна работа.
„Успехот на Шкендија е резултат на професионалниот пристап, тимскиот дух и амбицијата за докажување на меѓународната сцена, а воедно претставува и значаен придонес за промоција на македонскиот клупски фудбал во Европа“, стои во соопштението на ФФМ.
Поттик за понатамошните предизвици
Од федерацијата им посакаа на фудбалерите и на стручниот штаб на „црвено-црните“ да продолжат со достоинственото претставување на државата и во продолжението од европските натпревари, каде Шкендија ќе ги одмери силите со некој од европските гиганти во февруари.
Како што веќе објавивме, македонскиот првак во јануари ќе го дознае својот противник, а потенцијални ривали се Лех Познањ и Самсунспор.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



