ФИФА ги намали цените на дел од билетите за СП 2026: Обид за искупување или фарса?

Објавено:

Откако пред само неколку дена спортската јавност остана згрозена од „астрономските“ цени на билетите за Светското првенство во 2026 година, ФИФА експресно се обиде да го изгасне пожарот. Куќата на фудбалот најави воведување на нова категорија билети, таканаречените „Supporter Entry Tier“, со фиксна цена од 60 долари за сите 104 натпревари.

На прв поглед, ова изгледа како победа за „обичниот“ навивач. Но, ако малку подлабоко навлезете во математиката и реалноста на теренот, станува јасно дека ова е само вешто смислен обид за „замачкување очи“ и ПР стратегија која треба да го сокрие фактот дека фудбалот станува играчка само за елитата.

Математиката на ФИФА: Капка во океанот

Иако бројката од 60 долари звучи примамливо, ѓаволот е во деталите. Според неофицијални информации, оваа квота ќе опфаќа само околу 1.000 билети по натпревар за навивачките бази на репрезентациите.

Во контекст на американските стадиони, кои можат да примат и до 100.000 луѓе, 1.000 билети се статистичка грешка. Тоа е само 1% од капацитетот. Остатокот? Тие остануваат резервирани за корпоративни спонзори, ВИП гости и богати „навивачи“ кои ќе дојдат на стадион само за да направат содржина за социјалните мрежи, додека вистинските фанови со шалови и дланки со плускавци ќе останат пред малите екрани.

Извор: https://inside.fifa.com

Маглата наречена „распределба преку федерации“

Најголемиот сомнеж паѓа врз начинот на кој овие евтини билети ќе стигнат до навивачите. ФИФА најави дека тие ќе бидат распределени преку националните федерации. Тука веќе знаеме „колку е часот“.

Ние во Македонија веќе ја видовме оваа драма на сопствена кожа при нашиот прв историски настап на ЕУРО 2020. Се сеќавате ли на мистериозната личност „Билјана од ФФМ“? Процедурата беше едноставна на хартија: праќате мејл до дотичната Билјана, а таа треба да ви врати кодови за купување билети. Реалноста? Само среќни и одбрани неколкумина добија одговор, додека илјадници вистински навивачи кои со години ја следеа репрезентацијата беа принудени да одат „преку ридови и планини“ за да најдат начин како да стигнат до влезница.

Ако ваквите сценарија се случуваат на локално ниво, замислете го хаосот на глобално ниво кога во игра се федерации од Гана, Мексико или Хаити, каде билетите се повредни од злато. Кој гарантира дека тие 60 долари ќе завршат кај вистинскиот фан, а не кај роднините, пријателите и политичките соработници на фудбалските моќници?

Смрт за пасијата, живот за инфлуенсерите

Светското првенство во 2026 година, со секој нов потег на ФИФА, сè помалку наликува на фудбалски празник, а сè повеќе на скап холивудски проект. Оваа „попуст“ категорија е само фасада.

Додека ФИФА се фали со 20 милиони поднесени барања за билети, суровата вистина останува иста: патот до финалето чини богатство, а најевтините билети за завршницата сè уште ја надминуваат сумата од 4.000 долари. Обидот да се смири гневот со 1.000 евтини влезници по натпревар е навреда за интелигенцијата на секој што барем еднаш купил билет за натпревар со сопствени, тешко заработени пари.

Фудбалот му припаѓа на народот, но СП 2026 изгледа како да е дизајнирано само за оние со длабок џеб и добар филтер на Инстаграм. Вистинската фудбалска треска, онаа од трибините која ја тресе земјата, полека згаснува под притисокот на корпоративниот профит.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено