Алчноста на светската куќа на фудбалот конечно доби правен одговор. Здружението „Фудбалски поддржувачи од Европа“ (FSE) поднесе официјална тужба против ФИФА до Европската комисија, обвинувајќи ја организацијата за „злоупотреба на монополската позиција“ и наметнување на „екстремно високи цени“ за претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико.
Навивачите пред невозможен избор: Плати богатство или гледај од дома
Според тужбата, ФИФА ги користи навивачите како обични „банкомати“, воведувајќи нефер услови кои никогаш не би биле прифатливи на слободен и конкурентен пазар. Организацијата се соочува со сериозни обвинувања за класична манипулација преку воведувањето на т.н. „динамични цени“, со кои вредноста на билетите вештачки се пумпа во зависност од моменталната побарувачка.
Навивачите дополнително ги обвинуваат челниците на ФИФА за лажно рекламирање, тврдејќи дека пуштањето на мал број „евтини“ билети од 60 долари е само параван за јавноста, додека во реалноста тие се речиси недостапни за обичниот фан.
На сето ова се додава и тоталниот недостиг на транспарентност во процесот, при што поддржувачите буквално купуваат „мачка во вреќа“, без да знаат точно во кој сектор ќе седат или кои категории се навистина достапни сè до последниот момент.

Бројките се застрашувачки: Поскапување од 300% за само четири години!
Според пресметките на Би-Би-Си, ако еден навивач сака да проследи осум натпревари (по еден во секоја рунда), тоа ќе го чини вистинско богатство:
- Најевтина категорија: Околу 6.200 евра (за споредба, во Катар 2022 чинеше 1.700 евра).
- Средна категорија: Околу 10.200 евра (во Катар беше 3.100 евра).
- Најскапа категорија: Неверојатни 14.700 евра!
„ФИФА се правда со продадените бројки, но реалноста е дека лојалните навивачи немаат избор – или ќе платат прескапо, или ќе го изгубат натпреварот. Ова е чиста уцена“, изјави директорот на FSE, Ронан Еваин.
Одговорот на ФИФА: „Ние сме непрофитна организација“
Од ФИФА, во свој препознатлив стил, соопштија дека сè уште не ја примиле официјалната тужба и дека сите приходи ги реинвестираат во развој на фудбалот. Сепак, тешко е некој да поверува во „грижата за играта“ кога обичен навивач треба да земе кредит за да го гледа својот национален тим.
Навивачките групи бараат итно замрзнување на цените за следната фаза од продажбата во април и укинување на динамичното тарифирање.



