ФИФА плива во пари: Рекорден награден фонд за СП 2026, додека навивачите „вријат“ за цените на билетите

Објавено:

Фудбалската федерација на Македонија, доколку успее да обезбеди пласман на претстојното Светско првенство во 2026 година, би можела да инкасира сума која би ја променила иднината на нашиот фудбал. Советот на ФИФА официјално одобри рекорден награден фонд од неверојатни 655 милиони долари, што е пораст од дури 50% во споредба со претходниот мундијал во Катар.

Ова значи дека секоја репрезентација учесничка има загарантирани минимум 10,5 милиони долари (9 милиони за учество и 1,5 милиони за подготовки). Но, додека федерациите тријат раце, навивачите се соочуваат со суровата реалност на корпоративната алчност.

Извор: https://inside.fifa.com

Каде одат милионите?

Новиот финансиски план предвидува вртоглави суми за оние кои ќе стигнат до самиот крај:

  • Шампионот ќе инкасира 50 милиони долари (наспроти 42 во Катар).
  • Вицешампионот ќе добие 33 милиони, додека третопласираната селекција 29 милиони.
  • Дури и репрезентациите кои ќе испаднат во осминафиналето ќе добијат по 15 милиони долари, сума која за многу помали нации е еднаква на повеќегодишен буџет.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, го нарече ова „револуционерен придонес за глобалната фудбалска заедница“, фалејќи се со проектираните приходи од 13 милијарди долари за овој четиригодишен циклус.

Награди за федерациите, „нокаут“ за фановите

Сепак, овој „рекорд“ има своја темна страна. Огромниот награден фонд се финансира директно од џебот на обичниот навивач. Анализите покажуваат дека цените на билетите се за неверојатни 174% повисоки од она што ФИФА го вети во официјалната „кандидатура“ во 2018 година.

Најшокантен е примерот со големото финале. Додека во првичниот план беше ветена просечна цена од околу 1.100 долари, ФИФА сега за истите билети бара во просек по 6.147 долари, што е пораст од 459%! Дури и влезниците за натпреварите во групната фаза се за 50% поскапи од планираното.

Театар со евтините билети

По жестоките реакции во јавноста и медиумскиот притисок, ФИФА се обиде да се „искупи“ со воведување на категоријата од 60 долари. Но, податоците се поразителни: оваа цена ќе важи за само 1,6% од вкупниот број билети по натпревар. Тоа е само маска за да се сокрие елитизмот на турнирот каде просечната цена за воведните мечеви на домаќините изнесува фрапантни 1.728 долари.

Јасно е дека СП 2026 ќе биде најпрофитабилниот настан во историјата на спортот, но прашањето е – по која цена? Додека федерациите ќе се борат за милионите од Инфантино, вистинските навивачи кои го прават фудбалот тоа што е, полека се претвораат во публика која веќе не може да си го дозволи својот омилен спорт во живо.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено