Светската куќа на фудбалот (ФИФА) претстави сосем нова, смела визија за претнатпреварувачките церемонии кои ќе дебитираат на Светското првенство во 2026 година. Овој редизајниран концепт е создаден со цел максимално да ја продлабочи врската меѓу навивачите и играчите на стадионите, подигнувајќи ги емоциите на сосем ново ниво уште пред почетокот на самиот натпревар.
Искуство од 360 степени за секое седиште на стадионот
Новиот концепт става крај на едностраните претстави на теренот. ФИФА воведува имерзивна церемонија од 360 степени која го претвора целиот стадион во една заедничка сцена. Без оглед на тоа каде се наоѓаат поддржувачите на трибините, секое седиште ќе понуди уникатна и привлечна перспектива.
Целиот протокол ќе биде воден според музичките нумери од Официјалниот албум за Светското првенство 2026 година. На самиот терен ќе бидат распоредени екстра-големи банери со националните знамиња и специјални елементи кои се внимателно ориентирани за максимално да ја вовлечат и анимираат публиката на трибините на автентичен начин. Играчите ќе влегуваат на тревникот придружувани од децата од младинските програми, поминувајќи низ специјално дизајниран визуелен лак лоциран веднаш до нивните тунели.

Крај на традицијата: И замените ќе стојат во централниот круг за националните химни!
Најголемата и најзначајна промена во протоколот се однесува на самите фудбалери. За разлика од досегашната пракса каде само првите 11 фудбалери излегуваа на интонирање на химните, на Мундијалот во 2026 година во центарот на вниманието ќе биде комплетниот состав.
Секој еден фудбалер кој е селектиран во официјалниот тим за натпреварот, вклучувајќи го стартниот тим, но и сите фудбалери од клупата за замени, ќе мора да се собере околу големиот банер во централниот круг на теренот. Сите фудбалери и судиите ќе бидат свртени со лице едни кон други во внатрешноста на кругот, со цел секој поединец да го доживее тој симболичен момент на гордост и емоција додека ја претставува својата земја.
Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, ја објасни оваа иновација како голем чекор напред кон обединувањето:
„Како што расте Светското првенство, ние продолжуваме да воведуваме иновации во начинот на кој се доживува играта. Тоа што сите играчи и судии ќе бидат свртени едни кон други во централниот круг за време на националните химни ќе создаде момент на единство, гордост и емоција што навистина им припаѓа на тимовите и на сите на стадионот. Светското првенство е за секој играч и секој навивач, а оваа нова церемонија го рефлектира токму тоа“.
Веднаш по завршувањето на химните, вниманието ќе се префрли на традиционалните мундијалски ритуали, кои вклучуваат официјално ракување меѓу тимовите, тимски фотографии на стартните состави и традиционалното фрлање паричка меѓу капитените.
Пиротехника во подоцнежните фази и комерцијални интеграции
Визуелниот спектакл дополнително ќе се надградува како што ќе одминува турнирот. Во подоцнежните фази од Светското првенство, претнатпреварувачкиот протокол ќе вклучи и напредни визуелни ефекти како што се обоен чад и специјална пиротехника на теренот.
Целиот овој нов концепт, вклучувајќи ги младинските ескорт програми и излезот од тунелите, ќе содржи и модерни интеграции за комерцијалните партнери на ФИФА.



