Флорентино Перез ја запечати својата доминација во Реал Мадрид, освојувајќи нов четиригодишен мандат на чело на клубот. На вчерашните историски избори, први на кои членовите (socios) на „кралскиот клуб“ имаа право на глас по цели две децении, 79-годишниот претседател освои 65% од гласовите, победувајќи го помладиот предизвикувач Енрике Рикелме.
Перез претходно пет пати по ред (2009, 2013, 2017, 2021 и 2025 година) беше биран без противкандидат, но овојпат мораше да излезе на пазарот на гласови пред околу 100.000 членови со право на глас. Иако неговиот мандат имаше важност до 2029 година, Перез по две последователни сезони без голем трофеј повлече неочекуван потег и на вонредна прес-конференција во мај ги повика своите непријатели да „излезат од сенката“ и распиша предвремени избори.
Анализа: Зошто Перез е врвен политичар кој го прекина бранот на Рикелме?
Многумина во спортската јавност не ги разбираат задкулисните игри и политичкиот тајминг. Перез го повика Рикелме на изборен дуел поради една клучна причина – времето. Да чекаше до редовните избори, тој ќе влезеше во борба која лесно можеше да ја изгуби. Факт е дека Енрике Рикелме, 37-годишен претприемач во енергетскиот сектор, успеа да привлече дури 35% од гласовите без претходно да има години за градење на сериозна инфраструктура.
Да му дадеше Перез уште една година видливост, простор за собирање незадоволни гласачи и моќни сојузници (бидејќи легенди како Раул, Јеро и Касиљас веќе застанаа зад Рикелме), тие 35% лесно ќе станеа победнички број. Најпаметните политичари не ја чекаат бурата, тие реагираат пред облаците целосно да се спојат. Перез го принуди Рикелме на војна пред тој да биде целосно подготвен, со што не само што победи на изборите, туку прекина едно сериозно опозициско движење и ја заштити својата позиција. Затоа, овој триумф е многу поголем од самите проценти на хартија, а Перез уште еднаш докажа зошто е најголемиот политичар и претседател во фудбалскиот свет.

Што значи овој резултат на спортски план?
1. Жозе Мурињо се враќа со поскапа сметка: Перез веќе го официјализираше враќањето на Жозе Мурињо на клупата на „Сантијаго Бернабеу“. Договорот беше потпишан уште во мај за тригодишна соработка, но поради изборите Реал ја пропушти првата откупна клаузула од 6 милиони евра која важеше до 29 мај во неговиот договор со Бенфика. Сега, „кралевите“ ќе мора да платат 15 милиони евра за да ја активираат неговата слободна клаузула. Мурињо во Мадрид пристигнува со комплетниот стручен штаб (Тралјао, Машадо, Мерела, Дијас и Сантос), а официјалната промоција ќе се случи деновиве.
2. Лов на „мистериозниот галактико“ од 150 милиони евра: Вниманието на навивачите сега е насочено кон ветувањето на Перез дека веќе утре (вторник) ќе испрати рекордна понуда од 150 милиони евра за играч кој не настапува во Премиер лигата и не е дефанзивец или голман. Клубот веќе ги договори дефанзивецот Ибрахима Конате како слободен играч од Ливерпул и Дензел Думфрис од Интер, со оглед на тоа што договорите на Дани Карвахал и Давид Алаба завршуваат на крајот на јуни и оставаат сериозни дупки во одбраната. Мурињо веќе испорача листа со барања – лев бек, доминантен стопер и креативен играч за врска.
Рикелме не застанува: „Ова е само почеток на патувањето“
Младиот бизнисмен во својата кампања инвестираше близу 200 милиони евра од сопственото богатство и јавно водеше кампања против плановите на Перез за влез на надворешни инвеститори, тврдејќи дека изборите се всушност референдум за спас на сопственичкиот модел на клубот каде навивачите се сопственици.
„Ова не е крај, ова е само почеток на едно долго патување. Ќе продолжиме да работиме со уште поголема одлучност за да го одбраниме моделот во кој Реал Мадрид им припаѓа на своите членови“, порача Рикелме по објавувањето на резултатите.



