Фудбалот е игра на бројки, тактики и милиони, но пред сè е игра на страст и припадност. Во саботната вечер на „Сент Џејмс Парк“, додека Њукасл Јунајтед водеше епска битка против најдобриот клуб од Англија последната деценија Манчестер Сити, на трибините се вееше едно знаме кое раскажува посебна приказна, знамето на „Toon Army Macedonia“ (официјалното здружение „НУФЦ ФАНС МКД Скопје“).
По години на чекање, Еди Хау конечно го победи Пеп Гвардиола во Премиер лигата (2-1), а Харви Барнс со два гола го „сруши“ шампионот. Но, за нас, вистинската победа беше на трибините.
Македонското сонце го огреа сивиот Њукасл
Двајца членови од групата што брои 20-тина членови на македонскиот фан клуб, кои со години верно ги бодрат „Страчките“, го остварија својот сон, да бидат дел од „црно-белото море“ на култниот стадион. Нивното присуство се покажа како вистинска амајлија.
На фотографиите гордо се гледа македонското знаме и логото на „Toon Army Macedonia“ како стојат рамо до рамо со локалните фанови, па дури и со пријатели од фан клубовите од Тексас („Toon Army San Antonio“) и Ирска („The Irish Mags“). Ова е доказ дека фудбалот не познава граници.
Повеќе од обичен фан клуб
Ова патување не е само туристичка екскурзија. Тоа е кулминација на една децениска приказна. Здружението, кое официјално постои од 2023 година, всушност функционира од сезоната 2008-2009 како неформална група на ентузијасти од цела Македонија – од Скопје до Битола, од Велес до Охрид.
Овие момци беа тука и кога клубот се бореше за опстанок, и кога беше во Чемпионшип, и сега кога се бори со гигантите во Лигата на шампионите. Нивната лојалност е чиста и искрена.
Наскоро на SportStation.mk: Во деновите што следат, подготвуваме ексклузивно и опсежно досие за „Toon Army Macedonia“. Ќе ви ја раскажеме приказната за нивните почетоци, за предизвиците да се навива за англиски клуб од Балканот, за пријателствата кои траат со години и за тоа како успеаја да станат официјално признаен фан клуб од страна на Њукасл Јунајтед.
Хроника на една голема победа
Додека нашите момци бодреа од трибините, на теренот се одвиваше драма. Манчестер Сити, кој дојде со серија од 31 натпревар без пораз против Њукасл во кои постигнале гол, овојпат налета на „ѕид“.
Иако првото полувреме заврши 0-0 со промашувања на Барнс и Халанд, вториот дел донесе експлозија. Барнс погоди за 1-0 во 63. минута по акција со Гимараеш. Дијаш израмни, но само две минути подоцна, Барнс повторно ја затресе мрежата за конечни 2-1, предизвикувајќи ерупција на стадионот.
Оваа победа го искачи Њукасл подалеку од опасната зона, а Сити го остави на третото место.
За „Toon Army Macedonia“, ова ќе биде ден за паметење. Ден кога беа таму, кога нивниот глас се спои со гласот на „Geordies“, и кога нивниот тим го победи гигантот од Манчестер кој што освои 6 титули во последните 10 години од Англиската Премиер лига.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



