(Фото) Табела на „тишината“: Зошто во ПМФЛ играчите се слушаат како дишат и како да го смениме тоа?

Објавено:

Ако некогаш сте се запрашале зошто на нашите стадиони се слуша секоја инструкција на тренерот дури до десеттиот ред на трибината, еве го одговорот. Бројките се немилосрдни, но тие не се само статистика, туку огледало на нашата спортска (не)култура.

Во хрватските медиуми се појави табела за посетеноста на фудбалските натпревари во поранешна Југославија за есенската полусезона. Додека соседите прават фешти и со гордост пишуваат за бројките, кај нас владее „тишина“ која трае премногу долго.

Реалноста во бројки:

  • Хрватска е „светлосни години“ пред нас: Со просек од 5.860 гледачи по натпревар, ХНЛ покажува како се гради култ кон домашната лига.
  • Босна пред Србија?! Изненадувањето е што Босна и Херцеговина има поголем просек на гледачи (2.622) од Србија (2.235), иако Србите имаат поголема вкупна бројка поради повеќе натпревари.
  • Македонија: И стигнуваме до нашата реалност. ПМФЛ има просечна посета од 722 гледачи. Со пополнетост на капацитетот од само 6.2%, барем утешно е што нашите стадиони се најбезбедните места на светот, бидејќи нема шанси некој да ве турне.
  • Единствена утеха? Црна Гора е полоша од нас со просек од 396 гледачи. Барем не сме последни!

📉 Просечна посета (Есенска полусезона)
🇭🇷 1. Хрватска 👥 Просек: 5.860 | 🏟️ Пополнетост: 50.5% 🔥
🇧🇦 2. Босна и Херцеговина 👥 Просек: 2.622 | 🏟️ Пополнетост: 27.9% 👍
🇷🇸 3. Србија 👥 Просек: 2.235 | 🏟️ Пополнетост: 20.4% 😐
🇸🇮 4. Словенија 👥 Просек: 1.317 | 🏟️ Пополнетост: 20.4% ⛷️
🇲🇰 5. МАКЕДОНИЈА 👥 Просек: 722 | 🏟️ Пополнетост: 6.2% 🦗
🇲🇪 6. Црна Гора 👥 Просек: 396 | 🏟️ Пополнетост: 9.9% 😴

Извор: https://adsdp.mk

Фудбалот е круг во кој сите сме одговорни!

Овие 722 гледачи во просек не се само вина на „незаинтересираната публика“. Ова е неуспех на целиот систем, а враќањето на луѓето на стадион е процес во кој сите сме алки во еден ист синџир:

1. Медиумите и промоцијата: Ние, како медиуми, имаме должност да го кренеме спортот на повисоко ниво. Не смееме да известуваме за ПМФЛ само кога има инцидент или кога некој е казнет. Мораме да ги промовираме натпреварите, да ги градиме ѕвездите и да ја создаваме возбудата пред секој викенд. Нашата платформа ја создадовме токму и со таа идеја – да создадеме простор каде ќе се шири позитивна спортска култура, а инспирација влечеме не само од гигантите, туку и од малите спортски клубови ширум светот кои градат нераскинлива врска со своите навивачи и градот. И не само клубовите, ние сме први кои повикувавме за посетеност на стадионот за време на натпреварот на Македонија со Казахстан, но тоа не смее да остане изолиран случај.

2. Клубовите и инвестициите: Клубовите мора да сфатат дека навивачот е клиент кој заслужува квалитет. Кога клубовите ќе почнат да инвестираат во подобри играчи, подобра инфраструктура и маркетинг, публиката природно ќе се врати.

Извор: Извор: https://adsdp.mk

3. Бизнис секторот: Силните домашни компании мора повеќе да ги поддржат нашите тимови. Спортот е најдобриот билборд за една држава и за еден бренд. Само со поддршка на нашите спортисти може да создадеме нешто на кое сите заедно ќе се гордееме, а бизнисите полека ќе си ја вратат својата инвестиција на долг рок и ќе создадат перцепција кај потрошувачите дека се партнери, а не само продавачи.

4. Федерацијата: ФФМ мора да работи многу поагресивно на промоција на домашното првенство. ПМФЛ не смее да биде „лигата на која сите забораваат“ штом ќе заврши натпреварот на националниот тим. Стадионите мора да се одржуваат, да се додаваат интересни содржини за целото семејство и да прераснат во простор за дружба на сите генерации. Не може да бараме посетеност на стадионите со семејствата, ако не можеме да ги качиме децата по валканите скали на Градски, каде царуваат улични кучиња во деновите кога не игра репрезентацијата.

Извор: https://www.facebook.com/KomitiZapad87/

Да ја смениме културата: Стадионот е место за семејства!

Мораме да ја напуштиме навиката каде стадионот се полни само кога доаѓа атрактивен противник како Англија или Италија. Репрезентацијата и клубовите се поддржуваат и кога е добро и кога е тешко.

Светлите моменти се навивачките групи кои со своите кореографии и „тифоа“ прават шоу на трибините, но тоа не е доволно. Зошто одењето на натпревар во сабота или недела да не стане културен момент, како во Англија, Германија или Шпанија?

Треба да ги носиме децата на стадион. Да ги научиме да ги сакаат локалните бои, да растат со идоли од домашните терени и да сфатат дека спортот е здрав начин на живот. Гордоста кон својот тим се гради на трибините, а не пред ТВ екраните гледајќи туѓи првенства.

Време е да престанеме да бидеме само набљудувачи на туѓите успеси и да почнеме да ја градиме нашата фудбалска приказна. Па, во Новата 2026 година, посакуваме почесто да се гледаме на стадион!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено