Фриц како во видео-игра го „прегази“ Белучи, Хачанов приреди сензација против Оже-Алијасим!

 

Објавено:

Петтиот ден на УС Опен донесе вистински контрасти на терените во Њујорк. Додека домашната публика на стадионот „Артур Еш“ уживаше во една од најдоминантните претстави на турнирот, теренот „Луис Армстронг“ беше сведок на голем пад на еден од главните фаворити.

Тејлор Фриц без милост: 6-0, 6-1, 6-1 за историја

Ако некој очекуваше неизвесност, Тејлор Фриц имаше сосема поинаков план. Деветтиот носител и финалист на овој турнир од 2024 година, одигра перфектен меч и буквално го збриша Италијанецот Матија Белучи, дозволувајќи му само два гема во целиот натпревар!

Белучи (95-ти на АТП листата) пристигна во Њујорк со репутација на играч кој знае како да ги измачи фаворитите на Грен слем турнирите – нешто што на своја кожа го почувствуваа Френсис Тиафо на Ролан Гарос и Бен Шелтон на Вимблдон. Но, на пеколното сонце во Њујорк, Американецот не му остави ниту грам надеж.

Фриц играше со застрашувачка прецизност, налик на совршено програмирана видео-игра. Тој го отвори мечот со фуриозни 4-0, а вториот сет го доби за само 33 минути. Колку беше голема разликата на теренот најдобро говори податокот дека сервис-гемовите на Белучи во просек траеја по пет минути поради константниот притисок, додека Фриц своите гемови ги решаваше за помалку од две минути. Американецот го затвори мечот со својот 28-ми винер, рутински заверувајќи го билетот за третото коло.

Кошмар за Феликс: Хачанов го искористи распадот на Оже-Алијасим

Вистински шок се случи на „Луис Армстронг“, каде што неносителот Карен Хачанов го елиминираше 8-от носител Феликс Оже-Алијасим со 3-1 во сетови (6-7, 6-3, 6-2, 6-2).

На почетокот ништо не навестуваше вакво сценарио. Канаѓанецот, кој зад себе има две полуфиналиња во Њујорк, поведе со 3-0 во првиот сет. Хачанов успеа да израмни на 3-3, но Оже-Алијасим остана присебен и по еден час жестока борба го доби тај-брејкот со 7-5.

Сепак, тоа беше последното водство за Канаѓанецот на овој меч. Од тој момент, неговата игра целосно се распадна. Во вториот сет, откако пропушти двојна брејк-топка, Хачанов експресно казни и поведе со 3-0, освојувајќи го сетот со 6-3 (во кој Феликс направи дури 22 изнудени грешки).

Извор: Brad Penner/USTA (https://www.usopen.org)

Третиот и четвртиот сет беа вистинска агонија за Оже-Алијасим. Тој почна да реди двојни сервис грешки во најважните моменти (дури петта двојна на брејк-топка за противникот), додека Хачанов немилосрдно казнуваше, особено со своите бекхенд дроп-шотови. Статистиката на крајот беше поразителна за осмиот носител – вкупно 99 грешки (47 неизнудени и 52 изнудени), наспроти 60 на Русинот.

„Најсреќен сум што преживеав. Не знам дали Феликс имаше некаква повреда, но јас се трудев да го дадам максимумот и да се борам. За мене ова е предизвикувачка сезона, првпат по долго време не сум носител, па затоа влегов како аутсајдер во овој меч. Пресреќен сум за победата,“ изјави Хачанов веднаш по триумфот.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено